1.750 коња „впрегнати“ во машина од 1,3 милиони долари

Автомобилскиот производител „SSC“ го претстави суперавтомобилот „Tuatara“, кој може да се пофали со импресивни 1.750 коњски сили.

„SSC Tuatara“ имаше долг пат до производство, затоа што првобитно е најавен пред скоро 10 години, но одредени потешкотии го одложија неговото производство, а со тоа и испораката до купувачите.

Тоа се промени минатата година, кога компанијата „SSC“ го покажа својот прв автомобил на саемот во Филаделфија. Тоа воедно е и првиот од 100 примероци од суперавтомобилот „Tuatara“.

Автомобилот има 5.9 литарски „V8“ твин-турбо мотор кој развива 1.750 коњски сили а таа сила се пренесува на тркалата со помош на роботизиран седмостепен менувач кој ги менува степените на брзина за помалку од 100 милисекунди. Автомобилот е тежок 1.247 килограми.

Каросеријата е направена од карбонски влакна а на дизајнот и аеродинамиката работеше Џејсон Кастриота кој дизајнирал и за Ferrari и Maserati.

Во внатрешноста се наоѓа цел систем со екран чувствителен на допир, клима уред, врвен аудио систем…

Споменатиот екран овозможува пристап до разни типови на возење, дијагностика на возилото, забавен систем и слично. Зад управувачот се наоѓаат рачки за промена на брзините а на управувачот има и светлосен индикатор.

​„ SSC“ ќе произведе вкупно 100 примерока од суперавтомобилот „Tuatara“. Цената за сега не е објавена, но се зборува дека ќе чини околу 1,3 милиони долари.

Ова е важен модел за „SSC“ затоа што е наследник на моделот „SSC Ultimate Aero“, некогашниот најбрз автомобил на светот според Гинисовата книга на рекорди.

„Tuatara“ наводно може да достигне брзина од 483 км/ч.

InterServer Web Hosting and VPS