Роналдо: Мислев дека на 35 години ќе одам по риба

Кристијано Роналдо не ни сонувал каков играч ќе стане.

Легендарниот Португалец без никакви дилеми е еден од најдобрите фудбалери кои некогаш се појавиле на фудбалските терени, а со 35 години и понатаму игра на врвно ниво.

Сепак, Роналдо никогаш не претпоставувал дека ќе го достигне ова ниво. Тоа го призна во разговор за португалскиот магазин „А Бола“.

„Кога бев дете мислев дека на 35 години ќе одам по риба во Мадеира. Никогаш не ни претпоставував дека ќе играм секаде каде што сум играл и дека ќе освојам се што освоив“, изјави Роналдо.

Иако низ кариерата освои се освен Светско првенство, Роналдо не планира да застане. Сега целта е да ја освои ЛШ со Јувентус.

„Шесто финале во ЛШ? Можно е. Фактот дека играм за Јувентус ми дава шанса повторно да го освојам трофејот. Сепак, тоа е тешко натпреварување, многу работи мора да се поклопат, но имаме фантастичен тим. Одиме чекор по чекор“, изјави Роналдо.

И оваа сезона Роналдо е навистина фантастичен. Настапи на вкупно 29 натпревари и постигна 22 гола за „Старата дама“ од Торино.

InterServer Web Hosting and VPS