Борел до Курти: Нема алтернатива за дијалогот со Белград

Шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, го поздрави формирањето на новата влада на Косово под водство на Албин Курти и повика на што побрзо враќање на преговарачка маса со Србија.

-Новата влада ја чека многу работа во имплементирањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и европската реформска агенда, владеењето на правото и социо-економскиот развој. Регионалната соработка мора да се зајакне како и добрососедските односи. Во овој контекст со нетрпение очекуваме брзо рестартирање на дијалогот Белград – Приштина, олеснет од ЕУ, за да се постигне целисходна нормализација на односите, порача Борел по формирањето на новата косовска влада.

како што јавува дописничката на МИА од Брисел, Борел предупредил дека статус кво ситуацијата е неодржлива.

-Нема алтернатива за брзо рестартирање на преговорите за нормализација помеѓу Белград и Приштина, смета шефот на европската дипломатија кој минатата недела ги посети Косово и Србија во обид да изнајде компромис помеѓу двете страни.

Дијалогот помеѓу Белград и Приштина е замрзнат година и половина поради поскапувањето на царините врз увозот на српски и босански производи на Косово. Европската Унија бара од владата во Приштина да ги “обнови заложбите за регионалните иницијативи“.

-Предизвиците за Косово се големи, но голем е и потенцијалот на Косово. Подготвени сме да му помогнеме на Косово во европската реформска агенда и да продолжиме да ја закануваме нашата поддршка за владеење на правото за сите, подобрување на услугите на јавната администрација за населението кое тоа го заслужува и создавање работни места и раст, стои во соопштението на ЕУ.

InterServer Web Hosting and VPS