Обвинителска заглавеност

Правното решавање на заглавеноста за предлог законот за јавното обвинителство станаа баук во оваа држава. Преговорите се толку смешни, што го наметнува прашањето дали демократските стандарди во државата беа поголеми откако добивме позитивна оценка од Бадинтеровата комисија во 91ва, што патем е единствено меѓународно признание за имплементација на стандардите за човекови права во уставите на новите европски демократии, или сега во 2020 година?

Иако нелогичен е процесот што воопшто политички партии преговараат за предлог закон за јавно обвинителство, што е еден од столбовите на правната држава, а не правни експерти и практичари, но тој ноторен факт некако го прифативме. За жал таков закон е премногу сериозен да им се остави на политичките тимови во Собранието. Демократскиот дефицит кај опозицијата изразен преку составот на преговарачкиот тим, како и предлог амандманите на законот за јавно обвинителство дополнително ја потврдуваат тезата на длабока конфликтност меѓу заробената држава, која што бевме и европската држава кон која тежнееме да бидеме.

Власта пак од друга страна не знае да разграничи приоритетен од неприоритетен закон, па се обидува преку гимнастики да истурка несмасно но правно практично решение и да го затвори прашањето. Опозицијата чија преговарачка положба подзајакната од ситуацијата со СЈО, дополнително достави апсурдни предлози во однос на истрагите и користењето на доказите во кривичната постапка со кои се оди на неказнивност и амнестија, а за тоа ја обвинува власта (веќе видено) и пази богати за употребата на зборот „Република“ наместо „Северна Македонија“ во законот. Оваа психолошка состојба личи на насилништво или bullying каде насилниците секогаш ги обвинуваат нивните жртви, а попаметните насилници прават дејствијата на нивните жртви да изгледаат како провокација за нивното однесување. Оваа позиција на преговарање е самоперцепцијата на синдромот на жртва односно чувството на постојана измаменост или пасивна жртва. Овој синдром секогаш се манифестира со методот на магловити и нејасни ставови и романтичарска и празна реторика за владеењето во правото.

Секој има право на свое мислење, но не и на свои факти. Правната и општата јавност му даде силна поддршка на предлог- законот за јавно обвинителство со продолжување на истрагите од СЈО во рамки на редовното обвинитлество и со тоа не може да се преговара. Истрагите мора да продолжат со цел да се спроведе правдата преку принципот владеење на правото. Законот за јавно обвинителство треба само да биде компатибилен на законот за кривична постапка и КЗ, не на партиските хирови од преговарачките групи. Целиот легалистички проект на СЈО согласно ставот и заклучоците од научно-стручните расправи на домашната и меѓународната експертска јавност упатуваа дека СЈО служи само како лекција како едно обвинитлество треба да работи во однос на: институционална, функционална и финансиска независност и како да се постави спрема јавноста преку доследна примена на принципот на транспарентност и отвореност. Време е таа лекција да се отслика во законот.

Одолговлекувањето на преговорите е посебно разорна политика во оставањето и поттикнувањето на одврзани раце на криминалот и доведување на државата во состојба на аномија. Што побрзо се реши ова прашање толку побрзо ќе се посветиме на битните теми од законот за јавно обвинителство што треба да се решат. Постојната состојба на фактичка подреденост на јавното обвинителство и судовите не е завидна. Тие треба да се реобноват како институции кои ја играат улогата на заштитници на законитоста и слободите и правата, како и зајакнување на нивните кадровски и институционални капацитети, што ќе гарантираат самостојност и независност од извршната власт. Востановувањето на истражните центри на јавното обвинителство е затоа битен предуслов за забрзувањена истрагите, како и за надминување на монополот на полицијата во кривичните истраги и ублажување на хиерархискиот дуализам кај криминалистичката полиција. Овие се вистинските точки за расправа на новиот закон, а не дали истрагите ќе продолжат или не.

Преку глава ни е национализам и лажен патриотизам во решавањето на овој лесен процес. Време е да свртиме нова страна, да почнеме ново про-европско поглавје на правната држава во Северна Македонија. Нам ни треба решение за конечно да го пронајдеме нашиот правен идентитет. Тоа е оставено на нас, да ги решиме сами. Тие промени мора самите да ги направиме и секако дека тој пат ќе биде полн со разочарувања сѐ додека стигнеме до целта! Не смееме да дозволиме да испорачуваме површна слика за владеењето на правото и да повторуваме иста парадигма на правна држава ако не сме спремни да ги направиме чекорите што би го конструирале нашиот правен идентитет.

М-р Андреј Божиновски

Правен советник.

InterServer Web Hosting and VPS