Грчката влада планира да изгради 20 нови центри за бегалци и мигранти во осум периферии

Со капацитет да примат од 500 до 2000 лица, во осум различни периферии во Грција, грчката Влада планира да изгради 20 нови центри за бегалци и мигранти според грчкиот весник „Real news“.

Станува збор за центри кои ќе функционираат на поразличен начин од веќе постоечките, ќе бидат за лицата кои имаат право на азил и ќе ја имаат карактеристиката на т.н. „контролирани“ објекти, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот пишува дека на влезот на центрите ќе бидат поставени електронски рампи, а секој од бегалците ќе има електронска карта со посебен баркод за влез и излез од објектот, со цел да се избегне актуелната ситуација во која нема контрола кој влегува и излегува од камповите.

Пелопонез, Крит, централна и северна Грција, Епир се регионите што веројатно ќе се изградат новите центри.

Според грчкиот весник, конкретниот план на владата ќе се разгледа на утрешниот состанок на министерот за миграција и азил Нотис Митарас, заменикот министер за одбрана и национален координатор за бегалското прашање, Алкивиадис Стефанис и министерот за внатрешни работи Такис Теодорикакос, а целта е конечните одлуки за 20те нови центри да се донесат најдоцна до крајот на месецов.

Грчката влада, веќе најави дека на островите, сегашните кампови ќе се затворат, а ќе изградат нови затворени центри.

InterServer Web Hosting and VPS