Сириската војска уби турски војници, Ердоган најави одмазда

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган најави одмазда за нападот на турските сили во Идлиб, северозападниот регион на Сирија, по веста дека четворица турски војници се убиени, а девет се ранети во напад на сириската војска.

„Ние одговоривме на овие напади и ќе продолжиме така, било со нашата артилерија или со минофрлачи. Решени сме да ги продолжиме операциите за безбедноста на нашата земја, на луѓето и на нашите браќа во Идлиб“, изјави Ердоган пред новинарите во Истанбул, пренесе Ројтерс.

„Оние кои се сомневаат во нашата решеност наскоро ќе се уверат дека погрешиле“, додаде Ердоган.

Војската на сирискиот претседател Башар ал Асад, поддржана од руските воздушни сили, неодамна оствари значителен напредок во Идлиб, областа во која избегаа милиони бегалци од почетокот на скоро деветгодишната војна во Сирија. Зазема десетици градови, вклучувајќи го и важниот град Марат ал Нуман, едно од последните големи упоришта на бунтовниците во Сирија.

Турција, во која веќе се наоѓаат 3,6 милиони сириски бегалци, се плаши од нов бран бегалци од Идлиб. Во регионот има 12 посматрачници, кои биле поставени во текот на 2017 година како дел од договорот за деескалација, кој сега Русија, според Турција, го прекршува. Москва во петокот ги негираше ваквите обвинувања.

InterServer Web Hosting and VPS