Брегзитот е шанса да се укинат британските визи за македонските граѓани

Македонија од своето осамостојување постојано е на листата држави за чии граѓани е потребно да имаат британски визи доколку сакаат да патуваат во Обединетото кралство. 

И сопствениците на дипломатски пасоши не се ослободени од тоа, ниту оние кои транзитно патуваат преку тамошните аеродроми.

Проблемот со британските визи остана непроменет и по укинувањето од Европската Унија на Шенген визите за Македонија во 2009 година. Парадоксот да биде уште поголем, кон таа одлука на Брисел се приклучија и Норвешка, Исланд и Швајцарија, кои не се членки на ЕУ, но не ја прифати и Велика Британија, каде тогаш воопшто и не помислувале дека ќе им се случи Брегзитот.

Барањето визи за граѓани на една земја е индикатор дека билатералните односи меѓу двете држави не се фактички регуларни. Штом за една држава не се пожелни државјаните од друга, тоа е показател дека меѓусебните односи се оптеретени со некој проблем, на кој дипломатијата мора да се фокусира. Таква требало да биде приоритетната агенда и на македонската дипломатија во однос на Велика Британија во последниов четврт век.

Меѓутоа, ако се суди според изјавите на македонските политичари, лесно може да се биде заведен на погрешен заклучок дека македонско-британските односи се во целосна хармонија. Една површна хронолошка анализа тоа го потврдува. Така, македонските медиуми на 17 декември 2017 година го пренеле соопштението од Министерството за одбрана, за средбата која министерката Радмила Шеќеринска ја имала во Лондон со британскиот министер за Европа и Америка, Алан Данкан, при што таа му се заблагодарила „за континуираната британска поддршка во имплементацијата на реформските евро-атлантски процеси.“

Во друго соопштение, овојпат од Министерството за надворешни работи од 26 октомври 2018 година, се информирало дека во Лондон се одржале политички консултации меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство на ниво на политички директори во министерствата за надворешни работи, при што директорот Горан Цеков ги информирал соговорниците за „спроведувањето на реформските активности на Владата на Република Македонија со цел трансформација на нашата земја во кредибилна европска демократија, со силни институции кои ќе работат на изградба на просперитетно општество и подобар животен стандард на граѓаните.“

И партиската дипломатија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ имала своја посета на Лондон, за што биле известени медумите преку соопштението од 4 октомври 2019 година, дека пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев бил во неколкудневна посета на Обединетото Кралство, при што во Форин офисот во Лондон посочил дека „Македонија и Велика Британија се пријателски земји, со силно партнерство и дека имаат одлични билатерални односи во делот на политиката, економијата, одбраната и културата.“

Од друга страна, во својата колумна пред посетата на Скопје на 17 мај 2018, тогашната британска премиерка Тереза Меј напишала: „Годинава бележиме 25-годишен јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи, а врските меѓу Лондон и Скопје се посилни од кога било (…). Во овие 25 години Британија и Македонија никогаш не биле поблиски.“

Она што им е заедничко на сите овие новинарски исечоци е што во ниеден од нив не се известува дека визниот проблем бил споменат од македонските претставници на средбите со нивните британски колеги. Ако кон тоа се додаде и дека ниту македонските амбасадори во Обединетото Кралство – од првиот по осамостојувањето, до актуелната амбасадорка, не преземале ништо ефективно за укинување на визите за македонските граѓани, испаѓа дека ова прашање е „prohibitorum propositum“ (забранета тема) или неопортун ангажман кој го нарушува амбасадорскиот комодитет и синекура.

Ревизија на визната политика

Велика Британија е една од најатрактивните имиграциски дестинации, во која секоја година легално се доселуваат околу 250.000 странски државјани. Непозната е бројката колку не успеваат да стапнат на копното на Островот. Од тие причини, разбирливо е дека владата во Лондон ќе води рестриктивна и строга визна политика кон странците кои сакаат да ја посетат државата, а која, по победата на Борис Џонсон, ќе биде уште построга. Односно, толку строга, да, како што неодамна оценил кентберискиот надбискуп, Џастин Велби, и самиот Исус не би добил виза за Велика Британија.

Правило е Владата во Лондон на неколку години да ја разгледува листата држави кои треба да се додадат или отфрлат од долгиот список држави за чии граѓани се потребни британски визи, при што најзначајната и најголемата таква ревизија била спроведена во март 2007 година, кога Министерството за внатрешни работи објавило дека ќе го спроведе својот прв тест за ревизија на визната политика за држави кои се надвор од Европската унија, што ја вклучувало и тогашна Република Македонија.

Критериумите на Лондон биле следниве:

  • Безбедност и интегритет на пасошот.
  • Степен на соработка на државата во врска со депортација на нејзините државјани од Велика Британија.
  • Нивоа на нелегално работење во Велика Британија и други имиграциони злоупотреби (како што се лажно барање азил).
  • Нивоа на криминал и ризик од тероризам за Велика Британија.

По сеопфатната анализа, се заклучило дека постојниот безвизен статус можел и понатаму да се одржува за граѓаните на Боцвана, Бразил, Малезија, Маурициус, Намибија и Тринидад и Тобаго. На 30 март 2010 година било соопштено и дека петте земји од Источните Кариби (Антигва и Барбуда, Барбадос, Гренада, Свети Китс и Невис и Сент Винсент и Гренадини), го задржуваат статусот за безвизен влез на нивните граѓани во Велика Британија. Во март 2013 година се размислувало да се отстрани Бразил од списокот на држави ослободени од виза, бидејќи Бразил, со над 200 милиони жители, бил на петтото место од првите 10 држави чии државјани илегално имигрирале во Велика Британија. Сепак, тогашната Влада на Тереза Меј одлучила да го задржи безвизниот режим за бразилските граѓани, одлука за која Би Би Си известил дека била мотивирана заради развивање поблиски трговски врски.

Паралелно со спроведувањето на овој тест за визна ревизија за државите надвор од ЕУ, во Велика Британија се случувал друг процес кој се однесувал на ЕУ. Во 2004 г., по проширувањето на ЕУ со десетте нови членки, Владата во Лондон предвидувала дека од овие земји во Велика Британија ќе пристигнеле 15.000 нови работници, меѓутоа, до 2004 година биле регистрирани дури 430.000, а во 2006 бројката се искачила на 683.000 нови баратели за работа, од кои 70 отсто биле од Полска.

Во 2007 година, кога властите во Велика Британија го започнале спомнатиот тест за ревизија на визната политика, тоа се совпаднало со периодот кога и Европската Комисија вршела анализа за укинување на Шенген визите за Македонија. За жал, одлуката на Лондон била поинаква.

Дали визите се сѐ уште оправдани?

Кога ќе се погледне кои сѐ држави биле ослободени од визи за влез во Велика Британија (најголемиот број од третиот свет) или со колкава популација се некои од нив (Бразил, Малезија), нормално е да се постави прашањето дали сѐ уште има оправдување за барање британски визи за македонските граѓани? Секоја рационална анализа наведува на заклучок дека нема и дека Британците, веројатно, го прават тоа по инерција. А таквата анализа би требало да тргнува од главните критериуми кои важат за на една држава да ѝ бидат воведени визи:

  • Дали и колку македонските граѓани се закана за имиграционата политика на Велика Британија? Одговорот е негативен.
  • Дали македонските граѓани се закана за безбедноста на Велика Британија? Одговорот е, повторно, негативен.
  • Дали македонските граѓани се закана за пазарот на трудот во Велика Британија? И овој одговор е негативен.
  • Дали македонскиот пасош е биометриски и е со безбеден интегритет? Да, и поради тоа во ЕУ е прифатен без потреба од визи.
  • Дали македонските власти соработуваат со Велика Британија за депортација на наши државјани и на државјани од трети држави? Апсолутно – да.

Наспроти овие формално-правни критериуми, постојат уште неколку фактички аргументи за апсурдноста од постоење британска виза за нашите граѓани. Македонија е држава со 2 милиони жители. Толку луѓе превезува Лондонското метро секој ден до пладне. Дали нашата мала земја може да биде закана по било кој основ за Велика Британија? Секако дека не може. Исто така и хронологијата укажува и на фактот дека визите беа воведени во времето на војните во поранешна Југославија. Тие војни се минато веќе 20 години, а визите сѐ уште опстојуваат блокирајќи многу млади љубители на британската култура да ја посетат земјата.

Доколку сакаат, за британските имиграциски служби е лесно проверливо и дека за најголемиот број македонски граѓани најпожелни дестинации за емигрирање се Германија, скандинавските држави, САД, Канада и австралискиот континент. Оние кои сакале да се исселат во Велика Британија тоа веќе го сториле или ќе го сторат со бугарски пасош, кој им дава за право не само легално да престојуваат, туку и да работат на Островот.

Оттука, визите не се никаква превентивна потреба за заштита на националните интереси на Велика Британија туку се само пречка за многу родители, брачни партнери, деца, роднини и пријатели од Македонија да не можат да ги посетат своите блиски или да бидат изложени на трошоци и неизвесност дали од амбасадата на Велика Британија ќе им биде одобрена виза.

Мора да се побара укинување на визите!

Бидејќи нема ниедна оправдана и рационална причина македонските граѓани сѐ уште да бидат на листата за визи, зошто тие не се укинати, по примерот со Шенген визите за ЕУ? Ако се суди од соопштенијата за јавност, веројатно затоа што ниту еден македонски министер за надворешни работи, премиер или претседател тоа не го ставил на маса за разговор со своите колеги од Велика Британија. Можеби им е непријатно да отвораат незгодна тема во декларираните „добри билатерални односи кои со ништо не се оптоварени“. Можеби понизно чекаат самите Британци да се сетат и да нѐ замолат да покренеме барање за ослободување од визи? Што и да е, не е во интерес за македонските граѓани.

Затоа, премиерот Зоран Заев, министерот Никола Димитров, или оние кои (евентуално) ќе дојдат на нивните места по следните избори – МОРААТ! – да ја отворат оваа тема на средбите со своите колеги од Лондон, затоа што ова е реален проблем кој ги оптеретува меѓудржавните односи. Исто како и новинарите што мораат да ја држат оваа тема „жива“ во медиумите, сѐ додека не се разреши, бидејќи, како што и самите искусија при неодамнешниот самит на НАТО во Лондон, и тие се „патеници“ од она што претставува визна пречка за посета на Велика Британија.

Карактеристичниот македонски пристап на малодушност и анемичност – „може така треба“, мора да се замени со проактивен однос кој ќе изразува човечко достоинство и државничка самопочит, особено по сега извесниот Брегзит, кога Велика Британија одново ќе ја дефинира својата имиграциона политика, по што, најверојатно, ќе спроведе и нова обемна ревизија на својата визна политика, во која големите држави како Полска и Романија критички ќе бидат евалуирани.

Така смета и Вук Вуксановиќ од Лондонската школа за економија и политички науки, според кого „новата британска влада (…) преку билатералните односи ќе се обиде да го компензира губењето на влијанието на Западниот Балкан, што ќе се случи кога веќе не ќе може да влијае на проширувањето на Европската унија.“ Таа шанса официјално Скопје не смее да ја пропушти за да им објасни во Лондон дека малата Македонија заслужува после 25 години да биде ослободена од визната бариера.

Тоа е и вистинскиот однос меѓу „искрени партнери со кои се споделуваат исти вредности и со кои се солидаризирате во тешки моменти“, како што зборуваше министерот Никола Димитров кога го протеруваше рускиот дипломат од Скопје, поради аферата Скрипал.

Или, како што велеле старите Римјани, Fides obligat fidem – верноста обврзува на верност!

Д-р Ненад Живановски

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)

InterServer Web Hosting and VPS