Грција ја доби првата претседателка во историјата

Грчкиот Парламент ја изгласа Екатерини Сакеларопулу за претседателка на државата. За неа гласаа 261 пратеник од 300 пратеници колку што има грчкиот парламент. Неа ја поддржаа пратениците на Нова демократија, од најбројната опозициска СИРИЗА, како и опозициското Движење за промени. Сакеларопулу, која е првата жена претседател на Грција, ја предложи актуелниот премиер и лидер на Нова Демократија Кирјакос Мицотакис.

„Со нетрпение очекувам општество кое ги почитува правата, ги лекува раните од минатото и со оптимизам ја очекувам иднината. Го уверувам парламентот дека ќе сторам сé што можам за да ја исполнам својата уставна улога.“ – изјави Екатерини Сакеларопулу – нова претседателка на Грција.

Шеесет и три годишната Сакеларопулу е судијка која има искуство со уставното право и правото на животната средина и досега беше претседателка на Врховниот административен суд. По изборите лани во јули на кои победи Кирјакос Мицотакис, во интервју за БИ БИ СИ, актуелниот премиер немаше одговор на прашањето зошто во неговиот кабинет има само две жени. И оттогаш почнаа шпекулациите кога конзервативниот премиер, ќе даде јасен знак и ќе ангажира повеќе жени во политиката.

Премиерот Мицотакис веднаш го поздрави изборот на Сакеларопулу велејќи дека оваа личност, како поранешен врвен судија, ја симболизира „транзицијата на земјата во новата ера“.

„Изборот на 63-годишната прва дама претседател на државата го симболизира единството на грчката нација. Тоа покажа дека Грците можат да постигнат консензус за поголемите прашања.“ – изјави Кирјакос Мицотакис – премиер на Грција.

Сакеларопулу студирала право во Атина и уште во 1981 година станала дел од највисокиот суд во земјата. По студиски престој во Сорбона, почнува да предава екологија на грчката Судска академија во родниот Солун.

Според атинскиот весник Катимерини, новата претседателка важи за силна личност, која се интересира за уметност и култура. Претседателот во Грција има само репрезентативни функции и се држи настрана од дневно политичкиот бизнис. Тој меѓутоа се смета за фактор кој интегрира, од кого се бара дискретен совет, пред сѐ во кризни времиња. Ваквата обврска претседателот во заминување Прокопис Павлопулос ја исполни кога во врвот на должничката криза се заложи за останување на Грција во еврозоната и за таа цел одржуваше интензивни контакти со тогашниот француски колега Франсоа Оланд.

Досегашните грчки претседатели ги карактеризира дека се искусни политичари и дел од политичкиот естаблишмент, додека случајот на Екатерини Сакеларопулу е поразличен, бидејќи според аналитичарите, нејзината номинација беше храбар потег. Таа ќе ја преземе функцијата на 13 март кога истекува мандатот на актуелниот шеф на државата Прокопис Павлопулос.

InterServer Web Hosting and VPS