Форум: ЕУ дава континуирана поддршка на граѓанското општество во регионот, потребна е соработка со локалните власти

Европската Унија се уште гледа на регионот со голем интерес. И покрај недонесувањето одлука во октомври за почеток на преговори од страна на Советот на ЕУ, поради одредени скептици во самата Унија, ние сме упорни и веруваме дека регионот ќе биде дел од Европа, рече денеска Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во земјава на Регионалниот форум за Западен Балкан и Турција за граѓанско општество. 

Во однос на развојот на граѓанското општество во регионот, Бертолини кажа дека ЕУ дава континуирана поддршка, но потребно е уште многу да се направи.

– Невладиниот сектор треба да е многу поотворен кон потребите на граѓаните, а да не биде насочен само кон донаторите. Европската Унија дава континуирана поддршка на граѓанското општество во регионот. Денес се инкорпорирани мерки како што е Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, што пред десетина години беше само стратегија. Имаме ресурсни центри што е исто така важен столб. Имаме стратегии но имаме уште долг пат пред нас. Треба позајакната соработка со локалните власти, треба да работиме со државно финансирање, до таму уште не сме стигнале. Наша цел, целта на донаторите, е да не бидеме повеќе потребни овде, рече Бертолини.

Калинка Габер, државен секретар во Секретаријатот за европски прашања рече дека ниту едно општество нема да може да процвета ниту да има напредок без зајакнато и ефикасно граѓанско општество и оти владите треба да го разберат тоа.

– Ние поминавме долг пат и сега можам да кажам дека имаме експертиза во граѓанското општество што мора да биде употребена за заеднички напредок на сите граѓани. Поминавме долг пат, имаше доста пречки, недостиг на доверба меѓу граѓанското општество и властите. Среќна сум што сум дел од владата што во последните 2,5 години покажа чекор напред во овој правец, рече Габер.

Според неа, просторот што е отстапен на граѓанското општество значително се прошири ако се спореди со некои минати времиња. Посочи дека е воспоставен е Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, при што невладиниот сектор редовно учествува во работата на владини тела, следејќи спроведување на владини стратегии, а особено е значаен придонесот на граѓанското општество во спроведувањето на легислативи во за владеење на правото.

На Форумот во Скопје учествуваат претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, С. Македонија, Црна Гора, Србија и Турција, како и високи претставници од Европскaта Комисиja и од јавните институции. 

–Главните цели на Форумот се презентирање на резултатите од извештајот за „Проценка на состојбата за созадавање на  подобра средина и капацитетите на граѓанското општество наспроти Упатството за  Европска Унија  за Ѓраѓанското општество во земјите за проширување, презентација на структурата на претстојниот Инструмент за Прет-Пристапна Помош (ИПА 3)  во периодот 2012-2027 и идната поддршка на ЕУ за граѓанското општество, како и започнување на процесот на утврдување на новите Упатства за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот за  проширување 2021-2027, посочија организаторите на Форумот. 

Регионалниот Форум претставува почетен настан на двегодишниот проект на ЕУ ТАКСО 3 со седиште во Скопје, и официјално ќе ги одбележи интензивните активности на проектот од почетокот на јануари 2019.

InterServer Web Hosting and VPS