Тачи му се заблагодари на Трамп за договорот за авиолинија Приштина – Белград

Косовскиот претседател Хашим Тачи му се заблагодари на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп за неговото лидерство и улогата во потпишувањето на писмото за намери за отворање на авиолинија меѓу Приштина и Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пренесувајќи ја објавата на Трамп за значењето на вчерашната спогодба за отворање авиолинија меѓу главните градови на Косово и Србија, Тачи на својата страница на Твитер ја оцени улогата на Трамп во обезбедувањето на мир и стабилност како „незаменлива“. Американскиот претседател на својот Твитер вчерашниот договор го оцени како историски и како уште една дипломатска победа, во време кога „сите велеа дека не може да се постигне“.

Договорот беше потпишан во американската амбасада во Берлин од Милун Трифунaц, државен секретар во српското Министерство за економија и Есет Бериша, генерален директор на Цивилната авијација на Косово, а на потпишувањето присуствуваа и американски дипломати.

Летот меѓу Белград и Приштина ќе трае 25 минути и ќе го врши Еуровингс, компанија на Луфтханза.

InterServer Web Hosting and VPS