Како да ги преживеете пеколните температури кои не очекуваат неделава?

Неделава сме зафатени од топлотен бран со температури од жолта алармна фаза, а според Управата за хидрометеоролошки работи, се очекува температурите утре да достигнат 40 степени. УВ индексот ќе биде 9. Прочитајте неколку совети како полесно да ги преживееме горештините кои не очекуваат.

Чувствителната популација, како децата, бремените жени, старите лица, болните од хронични заболувања, имаат намалена способност за прилагодување, па поради тоа, тие и нивните најблиски треба да посветат посебно внимание на грижата за здравјето и однесувањето во летните месеци.

Разладете го домот. Се препорачува одржување на собна температура пониска од 32 степени во текот на денот, а пониска од 24 степени во текот на ноќта. Ова посебно важи за децата помлади од две години, лицата постари од 60 години и хроничните болни.

Избегнувајте напорни физички активности. Доколку морате да ги извршувате, правете го тоа во најладниот дел од денот, што е помеѓу 4 и 7 часот наутро. Избегнувајте престој надвор помеѓу 10 и 17 часот. Не ги оставајте децата и животните во паркирани возила.

Хидрирајте се и разладувајте го телото. Туширајте се во разладена вода. Може да употребувате и ладни облоги. Носете лесна и удобна облека од природни материјали и во светли бои. Доколку излегувате надвор, носете капа со широка стреа или шешир. Редовно внесувајте вода во организмот.

Избегнувајте храна богата со протеини, избегнувајте алкохол, а намалете го и внесот на кафето и газираните безалкохолни пијалоци. Консумирајте помали, а почести оброци.

Внимавајте на роднините и пријателите. Редовно проверувајте како се членовите на вашето семејство, пријателите и соседите кои живеат сами. Чувствителната популација може да има потреба од помош во текот на ваквите денови. Доколку некој зема лекови, проверете со нивниот лекар дали тие лекови влијаат на терморегулацијата.

Побарајте помош доколку чувствувате вртоглавица, вознемиреност, малаксаност, интензивна жед или силна главоболка. Итно засолнете се во разладени простории и измерете ја телесната температура. Внесете вода во организмот. Доколку почувствувате невообичаени симптоми и доколку симптомите траат подолго, обратете се на лекар

InterServer Web Hosting and VPS