Ревидирање на Преспанскиот договор: Невозможна мисија и политички маркетинг

Преспанскиот договор преживеа во Грција. Ќе преживее ли и кај нас?

По вчерашната расправија на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, „за“ и „против“ Преспанскиот договор, се отвори прашањето, дали тој може да се ревидира. Амбасадорот Ѓорѓи Филипов, во изјава за „Слободен печат“ вели дека тоа е невозможна мисија, бидејќи Договорот од Нивици е под покровителство на ОН и на некој начин е трилатерален. На него стојат три потписи.

– На Договорот не се потпишани само претставници на Македонија и на Грција туку и на Советот на безбедност при ОН, кој на времето донесе одлука нашата држава да биде примена во ОН, но под привремената референца, се до решавање на спорот со Грција за името. Така што, ревидирањето на Преспанскиот договор би била многу сложена операција, а неговото евентуално прекинување би ја чинело многу нашата држава.  Ако пред светот покажеме дека ги прекршуваме, тогаш кој ќе прави со нас нови договори. Тоа не е така лесно, особено не кога гледаме дека и големите сили имаат последици кога ќе прекршат договор – вели амбасадорот Филипов.

Во пресрет на изборите, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегуваат секој ден со нови „бомбастични“ ветувања. И двете партии се убедени во едно, дека ќе ја освојат власта. Но, за среќа јавноста веќе знае да препознае „политички маркетинг“, односно јавноста е свесна дека партиите едно зборуваат во опозиција, а друго кога се на власт.

– Кога ВМРО-ДПМНЕ говори за ревидирање на Преспанскот договор, најверојатно мисли на дел од гласачите кои се незадоволни со новото уставно име, Република Северна Македонија.  Но, граѓаните знаат дека таквото ветување е неизвесно, бидејќи  прашање е дали со тоа ќе се сложи и другата страна. Грција не се сложуваше ниту со ова име, а не пак, со некое друго. И сегашниот премиер на Грција, Мицотакис, во опозиција на граѓаните им ветуваше и раскинување и ревидирање на Преспанскиот договор. Но и по речиси една година владеење, Договорот во Грција е уште жив. Со еден збор, ревидирање на Преспанскиот договор е невозможна мисија, иако ние имаме и невозможни луѓе – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов за „Слободен Печат“.

Тој посочува дека пред се треба да настојуваме да ги исполниме критериумите за да можеме што побрзо да пристапиме кон ЕУ, бидејќи на таков начин конечно ќе може да се закопаат некои „камења на сопнување“ меѓу едната и дугата политичка партија. Исполнувањето на обврските треба да ги обединат, бидејќи членството во ЕУ нѝ е насушно потребно.

Вчера од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека доколу на изборите освојат двотретинско мнозинство, ќе го ревидираат Преспанскиот договор, односно дека ќе сториат сè за да ги корегираат штетите што Зоран Заев ѝ ги направил на Македонија. Заев пак посочи дека опозицијата со укинување на Преспанскиот договор ќе ја врати земјава 25 години назад и ќе ја уништи иднината на граѓаните бидејќи Договорот од Преспа е договор што ја однел земјата во НАТО и на чекор до Европската Унија.

Izvor: Sloboden pecat

InterServer Web Hosting and VPS