(Видео) Спасовски: Ние сме модел за успешно и функционално општество еднакво за сите

Техничкиот премиер Оливер Спасовски се обрати на конференцијата „Статусот и положбата на националните малцинства во Република Хрватска и Република Северна Македонија“, при што го истакна концептот „Еднакво општество за сите“.

„Уверен сум дека оваа конференција ќе донесе поттикнувачки препораки за уште поголемо збогатување и јакнење на дијалогот и процесите за соработката меѓу разните култури, чии граѓани ќе се чувствуваат еднакви и рамноправни членови на заедницата. Исто така, уверен сум дека и двете земји, и Северна Македонија и Хрватска, имаат што да кажат на темата на конференцијата.

Хрватска како земја членка на ЕУ и Северна Македонија како кандидат за членство на чекор до почнување на преговорите со Унијата ги имаат прифатени европските вредности за почитување, солидарност и неправењето разлика меѓу луѓето од разни етнички заедници. Тоа се темели за интеркултурното разбирање и со кои докажуваме дека можеме да бидеме модели за успешно и функционално општество еднакво за сите“, рече тој.

Спасовски вели дека е застапник на ставовите дека правата на граѓаните во демократски уредените држави не се еднаш засекогаш дадени и дека секогаш може да се унапредуваат. „Имајќи го тоа предвид, верувам дека оваа конференција ќе ги исцрта насоките за унапредување на правата на граѓаните во двете земји како што им прилега на земји со докажано традиционално заемно пријателство и партнерство. Различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност и ќе продолжиме позитивно да ги користиме, да ги учиме нашите поколенија дека солидарноста, толерантноста и недискриминацијата по сите основи се придобивките што може уште повеќе да нè поврзат“, додаде тој.

InterServer Web Hosting and VPS