Битолските советници се скараа за бројот на вработени

Опoзицијата во Битола обвинува дека годинава ќе се троши многу за плати во Општината оти имало зголемен број вработени, а власта тврди дека бројот на вработени е речиси ист

Администрацијата во Општина Битола има вработени како во 2017 година, поточно во периодот кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ. Колкав е бројот на вработени во Општината сега кога е предводена од СДСМ и пред три години кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, беа прашања на дискусија во општинскиот Совет.

Од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека добар дел од буџетот за 2020 година ќе биде потрошен за плати и надоместоци за администрацијата во Општината, што според нив дава индиции на зголемен број вработени.

Иванчо Тошевски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ изјави:

„Буџетот е планиран на 3 милиони евра. Во 2020 година во споредба со 2017 година Петровска планира да потроши повеќе од 200 милиони денари по основ на плати и надоместоци. Во 2017 година за плати и надоместоци биле потрошени 652 милиони денари, а сега во 2020 година планира да потроши 856 милиони денари. Или зголемување на овие трошоци за околу 25 проценти“, рече Тошевски.

Градоначалничката Наташа Петровска образложи со бројки и спореди дека не станува збор за големо зголемување на бројот на вработени. Зголемен е бројот на пожарникари од кои има реална потреба.

„Деновиве читам коментари дека висината на финансиските средства за одделување на плати се зголемени и тоа по партиска основа, и дека енормно се зголемува бројот на вработени во Општината, еве ќе споредам. Кога ја презедовме локалната самоуправа заедно со вработените во Пожарната во редовен работен однос имало 153 вработени и 10 ангажирани. Сега во Општина Битола се вработени 150 со редовен работен однос и 21 со времени вработувања. И ве молам соберете ја и едната и другата сума и да видиме дали станува збор за енормно зголемување на вработени и да го земете во предвид дека во рамките на сегашната бројка имате 10 вработени пожарникари. Да не ги водиме дека се луѓе кои седнале во административни канцеларии за да бидат згрижени зашто сите сме едногласни дека пожарникарите ни требаат“, рече градоначалничката Петровска.

Таа нагласи дека општината има голема потреба од градежни инженери, но дека овие профили се повеќе заинтересирани за работа на други места каде се повеќе платени.

„Општината има потреба од нови вработени и тоа од архитекти, градежни инженери, економисти и правници. Она што особено недостига се градежни инженери. Тоа не е проблем само на оваа локална самоуправа, туку на многу други зашто луѓето гледаат поголема и пофина егзистенција надвор од вработувањето како административни службеници бидејќи имаат можност на друг начин да заработуваат“, рече градоначалничката.

Таа додаде дека се издвојуваат и пари за обука на вработените во Општината. Кога дошла за градоначалник, во Одделението за јавни набавки, исклучително важно за Општина со голем број на јавни набавки како битолската, затекнала мал бројот на лица со сертификати. Во изминатите две години се вложило многу тие да го положат потребниот испит зашто пропаѓањето на јавна набавка ја успорува реализацијата на проектите.

Воедно, Петровска вели дека зголемен е буџетот за плати за вработените за 2020 година бидејќи во него спаѓаат и блок дотациите за вработените во образованието каде претходното покачување со јануарското од годинава изнесува дури 20 проценти.

InterServer Web Hosting and VPS