Тензично на тренингот на Тотнем, Мурињо и Роуз се испокарале

Роуз не беше во составот на Тотнем за гостувањето кај Ватфорд во рамките на 23 коло од Премиерлигата, па така бекот барал посебно објаснување од својот тренер за таа одлука, иако од клубот посочија дека станува збор за повреда.

Бекот на Тотнем, Дени Роуз доста бурно реагирал кон својот тренер Жозе Мурињо откако беше изоставен за саботниот дуел кај Ватфорд кој заврши без погодоци.

29 годишниот Роуз барал објаснување од страна на Мурињо откако во петокот од клубот соопштија дека поради повреда левиот бек не е во најдобра можност да му помогне на својот тим на тоа гостување.

Како и да е, верувајќи дека бил во целост подготвен за настап, Роуз влегол во расправија со Мурињо во текот на тренингот во неделата, а обајцата „разговарале“ на мошне висок тон, известува „Дејли Мејл“, а истиот медиум додава дека постоела голема тензија во тие моменти.

„Дејли Мејл“ притоа наведува дека некои фудбалери од составот на Тотнем не биле среќни со начинот на кој Роуз се поставил, како и со однесувањето кое ги надминало сите граници.

Роуз инаку беше поврзуван со трансфер ланското лето токму во составот на Ватфорд, а на Островот наведуваат дека бекот во текот на вчерашните тренинг сесии тренирал мошне нормално, како и сите свои останати соиграчи од тимот.

Бекот, кој инаку оваа сезона запиша 16 настапи за Тотнем, не се двоумеше да го крене својот глас по фрустрациите во тој состав, а не е исклучена можноста да си замине од Лондон, откако станува неизвесно колку тој е во плановите на Мурињо, иако самиот португалски фудбалски стратег посочи дека Англичанецот е во неговите планови.

InterServer Web Hosting and VPS