Мануелната трансмисија полека се подготвува за целосна „пензија“

Процентот на нови автомобили кои користат автоматска трансмисија (во различни варијации) постојано се зголемува, па мануелните менувачи постојано губат дел од својот пазарен удел, покажуваат статистиките од најголемите светски пазари.

Трендот го засилува и се поголемата продажба на електрифицирани возила кои воопшто не се ни комбинираат со мануелна трансмисија, па ако плаг-ин хибрид и електричните автомобили се иднина на мобилноста, тоа со себе повлекува и тивка смрт на „мануелците“.

Во моментов, мануелната трансмисија останува најчеста појава кај најдостапните модели и на пазарите каде финансиската моќ влијае врз изборот на секој елемент од понудата, а честа на мануелните менувачи ја бранат и најконзервативните возачи и фановите на спортските модели кои не сакаат да се разделат со „старомодното“ контролирање на погонската единица.

Ако пред 20 години, автоматската трансмисија била присутна кај помалку од 20 проценти од новите автомобили во Германија, сега пазарниот удел е речиси 50 проценти, а тој процент расте од година во година. Во Соединетите Американски Држави над 95 проценти од возачите користат автоматска трансмисија, а во Јапонија мануелните менувачи се избор само на околу 10 проценти од купувачите на нови автомобили.

Големата побарувачка на големи седани, но и електрифицирани модели во Кина исто така влијаеше на намалувањето на присутноста на мануелните менувачи, па најголемиот светски пазар во моментов е 50-50 во однос на трансмисијата.

Автоматската трансмисија се појавува во САД во 40-те години на минатиот век и тоа најпрвин со три степени на пренос, за денеска да стигне до напредна технологија која кај некои брендови подразбира и трансмисија со дури десет степени.

Ако во минатото, автоматиците се избегнуваа поради поголемата потрошувачка, послабите перформанси, па и поголеми трошоци за одржување, производителите на овој сегмент во авто-индустријата се погрижија да ги неутрализираат слабостите и денеска автоматската трансмисија може да понуди врвен квалитет и полека ги достигнува посакуваните бројки поврзани со економичноста.

Врз намалениот интерес за изведбите со мануелна трансмисија во иднина ќе влијае и фактот што голем број производители се откажуваат од учество во А сегментот со класични мотори, каде тие се користат речиси без исклучок, веќе споменатиот тренд на зголемена популарност на EV изведбите, но и фактот што голем број технолошки иновации ќе можат да бидат максимално искористени само со автоматските трансмисии.

InterServer Web Hosting and VPS