Будали има, само бројот треба да се утврди

Пишува Сашо Јордановски

Со оглед на овие околности, зошто опозицијата треба да ѝ помогне на власта таа да ќари уште некој предизборен поен со изгласување нов Закон за обвинителство (со кој би си продолжиле гонењата на целата криминално осомничена партиска елита за познатите злоупотреби на власта во претходниот мандат) или со помагање на процесот за отворање на преговори со ЕУ?!

Не ми е јасно од каде е тој оптимизам дека, во преостанатите неколку недели до распуштањето на Собранието, може да се дојде до решение за Законот за Јавно обвинителство? Дури тој Закон и да е услов од ЕУ за отпочнување на преговорите на Македонија со Унијата – а, не е, бидејќи ако во одлуката за преговори има напредок, тоа не зависи од усвојувањето на Законот – ВМРО-ДПМНЕ и по основ на Законот и по основ на отворањето на преговорите нема никаков политички, а ни „правен“ интерес тие две работи да се случат.

Напротив, има разновидни, силни интереси до нив да не дојде, бидејќи директно им влијае врз шансите за добивање поволен резултат на изборите. Не може да се очекува дека партијата „ќе си пукне во колено“ за да ги подобри шансите на власта за победа на изборите. Од изборните резултати, пак, директно зависи политичката судбина на сегашното раководство на опозицијата, бидејќи не ги добијат ли изборите и, уште повеќе, не успеат ли тие да ја формираат следната влада, со нив е завршено. Можеме до утре да анализираме како и кој ќе дојде на чело на партијата доколку останат и по овие избори во опозиција, но тоа нема да биде сегашното раководство, предводено од Мицкоски. И, во оваа констатација нема ништо контроверзно, тоа, просто, така ќе биде.

Од друга страна, контроверзиите околу нашето Обвинителство се прилично големи, подеднакви како и кон судството во целина. И таму се останати, буквално, истите луѓе од времето на Груевски, а и пред него. Единствениот структурен „новитет“ беше Специјалното јавно обвинителство, а и тоа сега не постои. Сегашното раководство на опозицијата ја исмева и се дистанцира и од самата идеја за СЈО, како и од Договорот од Пржино (всушност, од сите направени договори, генерално!), иако и пржинскиот Договор и СЈО беа потпишани, а потоа и изгласани (сосе предлогот за Јанева) од сите важни лидери и нивните партиски претставници во Собранието.

Проблемот на Мицкоски е што тоа се ИСТИТЕ луѓе кои и тогаш и сега седат на важни партиски позиции, а три петтини од нив и на обвинителните клупи на некогашното СЈО. Тоа што СЈО веќе го нема, а самата Катица Јанева е дискредитирана и е во тежок судски процес да докаже дека е невина, е голема предизборна поволност за ВМРО-ДПМНЕ, но само под услов да победат на следните избори и да формираат влада. Доколку тоа не се случи, другото е неважно.

Со оглед на овие околности, зошто опозицијата треба да ѝ помогне на власта таа да ќари уште некој предизборен поен со изгласување нов Закон за обвинителство (со кој би си продолжиле гонењата на целата криминално осомничена партиска елита за познатите злоупотреби на власта во претходниот мандат) или со помагање на процесот за отворање на преговори со ЕУ?!

Ова се и причините поради кои ЕУ не инсистира на донесување на нов Закон за обвинителството, бидејќи го разбира логичниот отпор на опозицијата. Тоа е како кога би ги терале на закажаното бесење тие да си понесат и сопствена ортома. Не се во Брисел толку будали, а и не мислат дека овде има такви будали.

Што значи дека на изборите одиме со, барем една, иста тема како и на претходните: правната држава. Единствено не разбирам на кој начин ВМРО-ДПМНЕ се надева дека е во предност пред СДСМ токму на таа тема?

Тоа што власта не покажа способност за половина нормален мандат да го реформира судството, а иницираше расчистување на „Рекет“ со брзина и судски интензитет кои се „светлосно“ побрзи во споредба со кој било предмет од големото правосудно портфолио пред кое се исправени десетици првенци од власта на Груевски, како ја прави тоа опозицијата надежна или, дури, и „амнестирана“, за таа да се врати на власт и да ги решава проблемите со македонското правосудство? Па, гледаме деновиве, уште и „од високо“, „стручно“ и со ароганција да се коментира неспособноста на СДСМ за поголема ефикасност во тие реформи?!

Којзнае, можеби тоа трикче и ќе помине на следните избори. Можеби во Македонија има доволно будали кои, заради оваа тема, би ги гласале да се вратат на власт.

InterServer Web Hosting and VPS