Светска банка предвидува економски раст од 3,2%, Битиќи: Можеби ќе треба да сменат мислење

Економијата во земјата во 2020 година може да се соочи со послаба бизнис клима и зголемување на фискалните обврски поради зголемувањето на платите во јавниот сектор, се вели во новиот Извештај за глобалните економски проспекти на Светска Банка.

„Се предвидува растот да биде 3,8% до 2021 година во Западен Балкан, имајќи ја предвид политичката нестабилност и несигурност. Зголемувањето на фискалните обврски, во неколку случаи поради зголемувањето на платите во јавниот сектор, социјалните трансфери или повисоки трошоци од предвидените за инфраструктурите проекти, може да го намали просторот за идна фискална стимулација и да ја ослаби бизнис климата (Северна Македонија, Косово, Црна Гора).“, се вели во извештајот од Светска банка.

Општо за годинава Светска банка предвидува благ економски раст. За Северна Македонија предвидениот раст е проектиран на 3,2%. Советникот за економски прашања на премиерот, Фатмир Битиќи, смета дека Светска Банка подоцна ќе треба да го смени своето предвидување, како што направи во 2019 година.

„Светската Банка на пример во 2019 година планираше многу низок раст од 3,0%, а некаде на средина на годината ја сменија нивната проекција на 3,3% и како што изгледа повторно ќе сменат мислење бидејќи реалните бројки за 2019 година покажуваат многу позитивни трендови и и се доближивме до 4% економски раст“, вели Битиќи.

Битиќи не очекува растот на платите во јавниот сектор негативно да влијае врз државниот буџет. А бизнис климата може да има мала стагнација поради изборите кои ќе се одржат во април, вели Битиќи, иако, според него, економијата во земјата е имуна од изборните процеси.

„Тоа што може да има негативно влијание, е периодот по изборите, формирањето на Владата, бидејќи бизнисите имаат потреба од стабилни политики и стабилна Влада. Јас не мислам дека во овој евентуален вакуум на владеењето на техничката Влада ќе има големи движења од аспект на легислативата и правењето бизнис, но сметам дека тоа не може да трае долго бидејќи секое одолговлекување негативно влијае.“, рече Битиќи.

Што се однесува до регионот, СБ предвидува Косово да има повисок економски раст од 4,2%, Србија 3, 9%. Иако СБ предвидува економскиот раст во земјава да биде 3,2%, Владата и Народна Банка очекуваат економски раст од 3,8%.

InterServer Web Hosting and VPS