Русите очекуваат новата влада да биде поефикасна

Русите се надеваат на подобро од најавената нова влада, откако рускиот премиер Дмитри Медведев ја објави оставката на неговиот кабинет. Одлуката беше објавена откако претседателот Владимир Путин имаше обраќање во Федералното собрание.

Обраќањето на кое вообичаено Путин ги поставува целите и задачите за земјата, е своевидно упатство за владата и парламентот.

Путин овојпат ја изложи идејата за проширување на надлежностите на Федералното собрание при формирањето на владата и другите тела.

Веднаш потоа Медведев рече дека се повлекува од премиерската функција за да му даде простор на Путин да ги спроведе своите планови.

Руската јавност реагира смирено на оставката од кабинетот и смета дека неопходната оставка на владата е дел од „политичката екологија“ на Русија.

Јури, кој е наставник на Московскиот државен педагошки универзитет вели:

„Не е прв пат руската влада да си поднесе оставка. Претседателот е сè уште на своето работно место и сè е нормално. Под раководство на претседателот Путин, новата влада ќе направи подобро од претходната и развојот на Русија ќе забрза“.

На исто мислење е и Москвитин, жител на Москва:

„Во суштина, оставката на владата е промена што Русите треба да ја видат. Владата ќе биде поразлична“.

Путин рече дека Медведев ќе има нова работа како заменик претседател на Советот за безбедност на Русија и го именува шефот на Федералната даночна служба 53 годишниот Михаил Мишустин за иден премиер.

„Можеме да очекуваме некои промени во иднина. Јас тоа целосно го поддржувам. Секоја промена може да донесе нови можности“, вели Олег, жител на Москва.

Со него се согласува и Јелена:

„Верувам дека сè ќе се одвива како што треба. Оставката на владата му треба на општеството“.

Пјотр Толстој, заменик претседател на руската државна Дума, долниот дом на парламентот, смета дека оставката на владата нема да влијае врз спроведувањето на серијата мерки предложени од рускиот претседател во своето обраќање.

InterServer Web Hosting and VPS