Чулев глуми апсење на Заев

Откако ВМРО пак упадна во МВРО, времениот министер Чулев гради имиџ божем е во интензивна потрага по обвинител патриот кој ќе потпише налог за апсење на премиерот во оставка Заев. Плаши мечка со дајре.

Долгото владеење од цели 11 години без контрола и отчет во врвот на ВМРО ДПМНЕ предизвика царски синдром. Со оваа неизлечива болест, да се биде две ипол години во опозиција, е ужасно тешка и ѓаволска работа против божјата волја која Господ на својот пратеник на земјата, царот, секогаш му дава доживотен мандат. Тоа го потврди деновиве и поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан кој во името и на црквата и на Бога, со својата божикна порака до стадото, повика на единство со благослов дека се` е дозволено во расчистување на патот да се врати царот на престолот.

Неговите намесници, времени наследници и поданици, откако добија неколку кнежевства, иако прифатија да бидат вазали на непријателот, кренаа ѓурултија до небо покажувајќи ја жедта за власт. Веднаш повикаа на востание да се истреби се` што е против царштината. А што може друго и да се очекува кога ВМРО повторно се врати во МВРО. На оваа ефикасност во продуцирање на хаос може да позавиди и поранешната министерка Гордана Јанкуловска, која уште во прислушуваните телефонски разговори се жалеше дека дуплите изборни штабови на ВМРО во Министерството за внатрешни работи се за жив срам. Сега повторно партиските изборни штабови на горското началство непречено, по словото на законот, се сместија во канцалариите на полицијата да организираат и обезбедуваат мирни избори какви што имавме на неколку пати во „ерата на груевизмот“, кои секогаш гарантираат чиста победа без никакви инциденти. Специјалците за изборни местенки сега пак се полициски началници и партиски курири на доверлива пошта.

Селско пандурски трикови

Техничкиот времен министер, Наке Чулев гради имиџ божем е во интензивна потрага по обвинител доволно голем патриот кој ќе потпише налог за апсење на премиерот во оставка Зоран Заев. Плаши мечка со дајре. По драматичните повици на Христијан Мицкоски, чуварот на престолот на Никола Груевски, дека по освојувањето на власта ќе им се суди на предавниците, брзо и ефикасно, без застарување на предметите, високиот партиски професионалец Чулев ја разбра пораката да крева тензии дека е готово, победата е извојувана, само уште треба единство кај народот и да се мобилизира гласачкото тело кое никогаш не гласа. Ама нешто слабо му оди работата. Ништо не прават додека вистински со едно 20- тина полицајци со качулки на главите не го уапсат Заев пред камери. Или уште подобро со помош на народот да ја довршат започнатата работа од 27 април 2017 година. Онака спонтано како што тоа го направи Никола Груевски од Виена.

Пишува Ерол Ризаов