„Орестија 1/4“ на 22 јануари во МКЦ

На 22 јануари (среда) со почеток од 20 часот во МКЦ (сала 25 мај) ќе се одржи изведба на претставата „Орестија 1/4“.

Претставата е дел од The Chorus Project – проект поддржан од Креативна Европа (Creative Europe), во копродукција на МКЦ – Скопје, Апстарт театар (Upstart Theater) од Лондон, Патос (Pathos) од Минхен и Театар Ам Ленд (Theater am Land) од Грац.

ИГРААТ: Орест – Стефан Вујисиќ, Електра – Наталија Теодосиева, Хороводецот – Жарко Јовановиќ, Клитајмнестра – Драгана Лошкова, Ајгист – Димитрија Доксевски.

The Chorus Project е проект поддржан од Креативна Европа (Creative Europe), а во копродукција на МКЦ – Скопје, Апстарт театар (Upstart Theater) од Лондон, Патос (Pathos) од Минхен и Театар Ам Ленд (Theater am Land) од Грац.
Основната идеја на The Chorus Project е реобмислување на улогата на Хорот во античката трагедија Орестија од Ајсхил, во однос на денешниот социо-политички и културен контекст и тоа: што значи демократија во 21 век, што значи да се биде граѓанин, што значи Европа и „европската иднина”, како да се поврзат локалното и глобалното, што е индивидуалното наспроти колективното? Накратко, како да се претстави демократијата на сцена?
Иако е познато дека Орестија е трилогија, The Chorus Project, ќе се обиде да го обмисли и загубениот четврт дел, сатирската игра.

Проектот истражува како да се креира граѓански дијалог, оперирајќи на три основни нивоа:
1.Транснационално, помеѓу професионални уметници од четирите земји учеснички;
2.Локално, помеѓу професионалните уметници и граѓаните како дел од Хорот, во секоја земја поединечно;
3.Транснационално, помеѓу претставниците на Хоровите од секоја земја.

Овој проект се одвива во рок од две години, во неколку фази:
1.Во првата фаза, претставниците на тимовите се состануваат во секој театар ко-продуцент и преку разни работилници и предавања, со експерти од одредени области, се договараат и заедно ги анализираат општествените услови во кои секој од нив работи, а потоа ги обмислуваат, темите, естетиката и динамиката на проектот, итн;
2.Во втората фаза, секој тим поединечно започнува со истражувачкиот процес, каде преку работилници со граѓаните ги прибира материјалите со кои треба да го реобмисли хорот, од својот социо-културен контекст и во однос на случувањата во самата трагедија Орестија;
3.Во третата фаза, секој тим одделно, започнува со подготовка на доделениот дел од претставата и го претставува со своја посебна премиера;
4.Во четвртата фаза, сите четири делови се спојуваат во една претстава, со обврска, понатаму да бидат одиграни на театарски фестивали во секоја земја ко-продуцент.
Премиерната изведба на сите четири делови заедно е предвидена за МОТ 2020 година.
Проектот треба да биде завршен во декември 2020 година.
Претставата Орестија 1/ 4 е, всушност, вториот дел од трилогијата ,,Надгробно жртвување”, оваа македонска верзија ќе имате можност да ја гледате во понеделник (28.10) и вторник (29.10) во 20чaсот, вели Јасмина Василева, координатор на работилници.

Околу текстот на претставата „Орестија“ на Ајсхил драматургот вели:

„Орестија“ на Ајсхил, (користен превод на македонски од Даница Чадиковска) е една од најважните антички трагедии и единствена зачувана трилогија (Агамемнон, Надгробно жртвување и Евмениди). За прв пат е изведена 458г. пне. само две години пред смртта на Ајсхил, кој умира на Сицилија не „за да го шири урнекот на грчката трагедија” туку конкретно – во политички егзил, зашто со пишувањето на Орестија, каде на крајот се суди на синот што ја убил мајка си и нејзиниот љубовник, за прв пат се зборува за еден важен момент во грчката историја: основањето на Аеропагот – тело кое може донесува политички одлуки – во случајов дали политичките убиства се оправдани.
Драмската предлошка на Орестија 1/4, користи материјали од сите три дела, но најмногу од Надгробно жртвување, конструирана на таков начин каде исти текстови припаѓаат еднакво на Агамемнон, Клитајмнестра и Ајгист, односно Електра и Орест со стихови од античкиот Хор, со цел да ја потенцираат репетитивноста на моќта на владејачката класа која како вирус си го обезбедува владејачкото право во моментот кога ѝ е загрозено.
Другиот дел од нашиот драмски текст, Хорот – претставникот на народот, го сочинуваат документаристички материјали од истражувањето спроведено на работилниците со млади луѓе и авторски текстови на драматургот и уметничкиот тим, со цел конкретно да ја доловат ситуацијата на младиот човек денес, во општества како нашето, и неговата неможност за организирање и делување во демократските процеси, Билјана Крајчевска, драматург

InterServer Web Hosting and VPS