Поништувањето на лустрацијата влезе во собраниска процедура и ги раскара пратениците

Лустрацијата повторно актуелна и причина за меѓупартиски препукувања, но овој пат во насока на обидите за нејзино поништување, откако Предлог-законот за поништување на овој процес влезе во собраниска процедура. Предлог-законот вчера беше на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем и односите меѓу заедниците, но поради немање кворум и неприсуство на пратеници од ДУИ, од Демократската партија на Турците (ДПТ) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ седницата беше одложена.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со отворено противење против поништувањето на лустрацијата, процес со кој 2008 до 2015 со два закона беа опфатени неколку стотина луѓе, од кои дел познати јавни личности – критичари на владеењето на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

За време на шестгодишното работење на Комисијата за лустрација за кодоши беа прогласени околу 200 лица, а целиот процес беше проследен со контроверзи. За начинот на водење на постапките забелешки имаше и од дел од меѓународната заедница.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски вчера рече дека пратеничката група на оваа опозициска партија сериозно ќе се спротивстави на обидот на СДСМ за носење на законот за поништување на лустрацијата.

– Нашето прашање е кои се жртвите? Тие кои што овозможувале лица да бидат политички ликвидирани и физички ликвидирани или тие коишто биле политички и физички ликвидирани. Македонија треба да одлучи дали ќе оди по патеката на евроинтеграции, дали ќе гради демократски систем по примерот на сите земји од Централна и Источна Европа или се уште ќе живее во времето кога со политички нарачки се воделе судски процеси, рече Димовски.

Тој нагласи и дека на денешната седница на Комисијата за политички систем не присуствувал министер или заменик министер од Министерството за правда, додавајќи дека освен СДСМ како „наследник на претходниот режим“, никој не сака да даде поддршка на овој, според него, ретрограден закон. Димовски оцени и дека земјава имала „најмека форма на лустрација“.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ вчера побараа на седницата да присуствува министерката за правда Рената Десковска, а таа пак во изјава за МИА побара ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција.

– Деловничките обврски се исполнети и Комисијата треба да продолжи со работа, а ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција, вели Дескоска.

Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски на прес-конференција вчера изјави дека „кон опструкцијата на законот“ на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вчера попладнево се приклучиле и пратениците од ДУИ и ДПТ.

– Со жалење морам да констатирам дека покрај пратениците од опозицијата, односно од ВМРО-ДПМНЕ, кон опструкциите за работа на Комисијата за политички систем на седницата закажана за поништување на лустрацијата се приклучија уште две партии, односно ДПТ и ДУИ за кои се надевам дека имаат сериозни аргументи кои ќе ги споделат и со нас и со пошироката јавност, рече Кирацовски.

Според Кирацовски, за законот за поништување на лустрацијата има потреба од „повисока политичка координација“ со сите политички партии.

Исправувањето на историската неправда направена кон истакнати општественици е наша заедничка должност и обврска која што мора да ја реализираме затоа што правдата и праведноста се основните начела и на демократијата и на основното човеково живеење. Процесот на направената неправедна лустрација мора да продолжи, рече Кирацовски.

Седницата, на која поради немање кворум, не можеше да се утврди ниту дневен ред, ќе биде закажана дополнително.

А собранискиот спикер Талат Џафери рече дека „нема проблем“ со законот за поништување на лустрацијата. Блокадите во Собранието што се случуваат поради одредени законски решенија, како ова за поништување на лустрацијата, според првиот парламентарец се поради извесноста од предвремените парламентарни избори и оти тоа е се во рамки на кампања.

– Ниту сум го гледал материјалниот дел, ниту пак е моја надлежност да го гледам материјалниот дел. Тоа е работа на Собранието, што ќе одлучи Собранието тоа е и моја одлука. Јас како пратеник сум го поддржал законот за лустрација, не сум имал проблем со тој закон, ниту пак имам проблем со новиот закон. Во тој контекст посебен коментар не би требало, рече Џафери.

За можноста законот за поништување на лустрацијата да предизвика уште една блокада во Собранието и за тоа како ќе се справи со тоа, Џафери вели дека неговиот план е Собранието да се самораспушти на 12 февруари, а до тогаш е избор на самите пратеници и пратеничките групи што и како ќе прават.

Владата на крајот декември минатата година го утврди текстот на Предлог на закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.

Со новото предложено решение, се пристапува кон отстранување на штетните последици по лицата кои беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти, пред надлежните судови и пред другите органи, и согласно Предлог законот, за оштетените лица од наведените акти и дејствија, се предвидува надоместок на штета.

Со овој Предлог закон се заокружува правната рамка како стратешка цел на реформата во правосудството во однос на обезбедување на независноста и непристрасноста и се пристапува кон реализација на стратешката насока за воспоставување на законска рамка за поништување на мерките и правните последици од процесот на лустрација.

InterServer Web Hosting and VPS