Македонската пејачка Елена Андоновска го оживеа сарајот на Ресен со новиот спот: Уште една антологиска нумера низ една прекрасна видео приказна

Младата македонска фолк-пејачка, Елена Андоновска, летово го промовираше својот музички албум насловен „Кој што ме чуе да пеам“.

Изданието содржи десет композиции кои се преработки на македонски народни песни испеани од доајените на македонска изворна и новосоздадена песна: Васка Илиева, Вања Лазарова, Костадинка Палазова, Петранка Костадинова, Никола Бадев, Кирил Манчевски…

Аранжманите на песните ги изработи Александар Јовевски, давајки им современ и урбан израз, но тие сепак го задржале автентичниот македонски мелос.

Во подготовката на албумот учествувале реномирани музичари од кои голем дел се членови на групата „Седенка“, а албумот е снимен во музичкото студио „Подрумот“ во продукција на Ангел Ќосев.

Но, она што најново може да го слушнеме и видиме од Андоновска е токму видео-спотот на песната „Кој што ме чуе да пеам“, кој го промовираше пред околу еден месец, односно точно на нејзиниот роденден.

Нејзините фанови се воодушевени и велат дека нема поубав подарок за роденден од остварување на вакво ремек дело.

За ова прекрасно дело голема заслуга има и оркестарот во кој учествуваат – Александар Јовевски – пиано, кавал, тамбура, бас тамбура, Момчило Митровски – кларинет, Илија Филиповски – виолина, Дарко Ничевски – хармоника, Филип Николовски –гитара, Марјан Андоновски – ударни инструменти, Гоце Пановски – бас гитара.

Видео спотот е сниман во сарајот во Ресен и во куќата на Васил Главинов во Велес.

InterServer Web Hosting and VPS