Пленковиќ очекува јасна временска рамка за преговори на Македонија и Албанија со ЕУ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска пред Европскиот парламент во Стразбур ќе ги соопшти приоритетите на неговата земја во шестмесечното ротациско претседателство со ЕУ. Пленковиќ веќе најави дека Македонија и Албанија ќе добијат европска перспектива со јасна временска рамка на самитот на Европската унија за Западниот Балкан кој ќе се одржи во мај во Загреб.

Во интервју за „Франс 24“ тој рече дека очекува во рамки на хрватското претседавање со Унијата на самитот во мај во Загреб, на земјите од Западен Балкан да им се даде јасна европска перспектива, јасна временска рамка, како и методологија за идните преговори. Во тој контекст, се очекува Европската комисија во февруари да објави мини извештај за Македонија и за Албанија, а новата методологија на преговарачкиот процес да се донесе во март, за што начелно потврдува и Пленковиќ во последното интервју за „Франс 24“.

„Во таа смисла ако комисијата во февруари објави извештај за напредокот, и доколку овие два нови моменти се поклопат и разговараме со лидерите на земјите кои имаа одредени резерви, мислам дека ќе постигнеме политичко решение кое ќе ни даде можност да свикаме меѓувладина конференција со тие две земји, со надеж пред загрепскиот самит”, изјави Пленковиќ.

Минатата недела по состанокот со хрватската влада претседателката на Европската комисијата Урсула Фон Дер Лајен рече дека новата методологија на која инсистира Франција ќе биде претставена на почеток од годинава, но дека паралелно со ова ќе се води процесот за Македонија и Албанија.

„Ние од нив баравме многу за да ги исполнат критериумите, тие го сторија тоа и ние сега не треба да ги менуваме условите и правила за нив. Во таа насока јас го очекувам новиот предлог и се надевам дека ќе бидеме успешни”, порача Фон Дер Лајен.

InterServer Web Hosting and VPS