По најавата за тројна коалиција, почна фејсбук-војната на функционерите на Беса и Алтернатива

Во време кога заживувањето на тројната коалиција меѓу Алтернатива за Албанците, Беса и Алтернатива станува се поактуелна, функционерите на движењето Беса и Алтернатива преку фејсбук-статуси почнаа со меѓусебни обвинувања за тоа кој е поблизок со ДУИ и во служба на партијата, јавува ТВ 21.

Зеќирија Ибрахими од Алтернатива напиша дека Беса била украдена со помош на „селскиот старешина“ и дека веќе две години преку коалиција, на власт ја држи ДУИ во две албански општини – Тетово и Чаир.

„Партијата што ја креиравме беше проектирана да ја оддалечи штетната и злобната ДУИ од власт, а не да им ги направиме бројките за таа да продолжи со кражбите и иселувањето на Албанците. Затоа, доколку тие што ги имаат печатите на партијата што ја формиравме ние, сакаат да бидат во тројна коалиција против ДУИ, прво нека се дистанцираат од мнозинството со ДУИ во Чаир и Тетово, па дури потоа ќе го разгледаме нивното барање. Нека го направат тоа до понеделник“, напиша Зеќирија Ибрахими од Алтернатива.

Генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа веднаш реплицираше.

„’Идеологот’“ израснат во скутот на ДУИ, почна да бара она што вели народот ‘влакно во јајце’. Нека му даде некој точни информации на вработениот на ДУИ и корисник на сите бенефиции од ДУИ, вклучувајќи ја тука и поделбата на централната власт со ДУИ и онаа на Министерството за култура, каде државен секретар е од ДУИ, бидејќи движењето Беса, ниту во Чаир, ниту во Тетово не е дел од мнозинството на локалната власт. Оние што треба да се одделат од ДУИ, бидејќи побараа да станат Алтернатива и Беса, односно ‘неверните’ завршија на власт заедно до ДУИ“, истакна Аријанит Хоџа од Беса.

За овие меѓупартиски обвинувања и контра обвинувања, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи вели дека доаѓаат поради недостигот на проекти и политички понуди.

„Факт е дека нивниот политички наратив е да се борат со ДУИ. Нивната цел не е искрена, туку сакаат да се борат со ДУИ и сами да дојдат на власт. Нивните цели се деструктивни. Тие немаат политички понуди“, порача Бујар Османи од ДУИ.

Иако пред неколку дена пратеникот на ДУИ, Артан Груби изјави дека малите албански партии се здружуваат бидејќи самите не можат да ја урнат ДУИ, Османи денеска го повтори барањето за обединување и така да ѝ конкурираат на ДУИ. Идејата за тројна коалиција почна од АА, но Алтернатива одби да седне на маса со Беса, партија од која Алтернатива излезе како фракција. Не подоцна од следната недела се очекува да се дознае сѐ. Доколку тројната коалиција не се постигне, од Алијанса за Албанците велат дека ќе мораат да одат само со едната партија, но јавно сѐ уште не кажуваат со која.

InterServer Web Hosting and VPS