Путин во посета на главниот град на Сирија, првпат од почетокот на војната

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ненајавено пристигна во Дамаск, во неговата прва посета на сириската престолнина од почетокот на војната во таа земја.

Путин се состанал со сирискиот претседател Башар ал Асад во руската база во Дамаск. Тој присуствувал на воена парада на руските војници и бил информиран за напредокот направен во конфликтот, пренесоа сириското претседателство и Кремљ.

Русија е клучен сојузник на Асад уште од почетокот на војната во Сирија, а воената помош од Москва беше пресудна за сирискиот лидер да остане на власт.

Асад, благодарение на Москва, врати голем дел од територијата што ја окупираа сириските бунтовници кои се побунија против неговото владеење во 2011 година. Сириската влада моментно контролира две третини од територијата на Сирија.

Двајцата лидери разговарале за ситуацијата во Идлиб, каде сириската влада, поддржана од руските воздушни напади, со месеци спроведува офанзива против бунтовниците во северозападната провинција, јави сириската новинска агенција „Сана“.

Путин го пофалил враќањето на делови од територијата и рекол дека со голо око може да се види како мирниот живот се враќа на улиците на Дамаск, објави новинската агенција „Тасс“.

Асад му се заблагодарил на Путин за неговата посета и за руската помош во борбата против бунтовниците, додава руската агенција.

InterServer Web Hosting and VPS