За албанската опозиција заминувањето на Рама е пат до слободни избори

Албанската опозиција обвини дека Еди Рама е неуспешен премиер, поради што опозицијата и 85 отсто од албанските граѓани сакаат негово заминување, јави дописничката на МИА од Тирана.

Ставот на опозицијата преку Твитер го пренесе потпретседателот на Демократската партија Еди Палока, истакнувајќи дека „заминувањето на Рама е пат кон слободни избори”.

– Обединетата опозиција и 85 отсто од албанските граѓани сакаат заминување на Еди Рама затоа што тој потфрли како премиер. Со Еди Рама се продлабочи сиромаштијата, криминалот, криминалците ја зграпчија владата и државата, а Албанците заминаа од својата земја како никогаш порано. Заминувањето на Еди Рама го отвора патот на слободни избори на кои луѓето ќе одлучат за својата иднина, напиша Палока.

Тој вели дека и без противник пред себе (се мисли на последните локални избори спроведени на 30 јуни кои обединетата опозиција ги бојкотираше) Еди Рама покажа дека не може да стори ништо без криминал. Притоа ги наведува градовите Скадар, Вора, Вау и Дејес, каде градоначалнците од редовите на Социјалистичката партија се под сомнение за криминални досиеја.

Палока посочува дека Рама „ги ангажирал сите криминалци и им докажал на Албанците и светот дека со него нема избори, не може да има развој и интеграција”.

Тој го обвини премиерот дека ги заборавил илјадниците семејства кои се сместени во шатори, а за илјадници наредил да ги напуштат хотелите, каде што се сместени по катастрофалниот земјотрес „самода не ги допрат милионите што ги делат со олигарсите”.

– Целата влада на Рама е во функција на грст корумпирани крвопијци на Албанците. Времето за лаги заврши. Добро е да се слушне народниот повик кој се претвори во химна: Рама си оди. Колку побрзо, толку подобро, напиша Палока

InterServer Web Hosting and VPS