Ако е веќе воено лице, јас сум најдобрата опција!

Со моето предлагање за министер вие истовремено ќе ја растоварите вашата партија од бескомпромисни кариеристи.

Господине Христијан Мицкоски,

Деновиве гледам имате потешкотии со давање на предлог министер на МВР за идната техничка влада на РСМ. После првично дадениот предлог полковникот Драган Ковачки да го води МВР, дојдов на идеја на овој начин да ви се обратам и како тотален анонимец, еве да ви предложам мене да ме подржите за министер на МВР.

Но, најпрво да ви се преtставам. Моето име е Предраг Петрески, воено лице по професија, потполковник по чин. Роден сум 1971 година. Основно училиште завршив во Скопје, а средно во „Раде Јовчески – Корчагин“ , исто така во Скопје. Во 1990 година ме примија на Воената академија на Копнената војска во Белград, каде завршив две години и во 1992 поради распадот на тогашна Југославија моето школување за офицер го продолжив во Скопје на ВА „Генерал Михаило Апостолски“. Успешно завршив во 1995 година. Од 1995 до 2001 година ги поминав командните должности од командир на вод, до заменик на командант на батаљон. Учесник сум во воените операции од 2001 година. По престанокот на воените дејства во Македонија, дел сум од воената безбедносна служба каде ги поминав сите должности. Имам завршено повеќе курсеви во НАТО центрите од областа на разузнавањето, безбедноста и противтерористичката борба. Во 2004 година на тестирањето во НАТО школскиот центар во Будимпешта го освоив 3.3.3.3 СТАНАГ-от од англиски јазик. Во 2010 година се стекнав со магистерско звање од областа на спортскиот менаџмент на тема „Менаџирање на физичката подготвеност кај припадниците на специјалните сили на АРМ“, магистериум кој мораше сам да го финансирам поради тогашните состојби кои владееја во МО и АРМ. Тоа беше период во кој се воспостави пракса каде НАТО школувањата и парите за магистериумите и докторати се резервирани за колегите со партиски книшки и блиски симпатизери на власта, а одењето во мисија претставува парична награда за лојалните. Тоа беа времиња кога се воспостави пракса во која колегите кои одеа да се школуваат и курсираат во НАТО центрите од своето работно место беа отсутни повеќе години, колеги кои половина од својот работен век биле надвор од земјава. Така, денес господине имаме „професионалци“ со набилдани биографии од освоени дипломи, без потребно работно искуство и професионалци со соодветни дипломи и преголемо работно искуство. Против мене во текот на моето работење не се воделе никакви дисциплински постапки, а во досегашното работење оценуван сум со највисока оценка.

Господине Мицкоски, ако ме предложите мене за технички министер ветувам дека предлагате вистински професионалец без никаква црна дамка во мојата професионална кариера. Знајте дека ќе предложите човек кој ниту бил, ниту пак има намера да стане член на некоја политичка партија. Ќе предложите човек кој ја сака својата држава, патриот во душа и во ген, вистински следбеник на патот кој го зацртаа мојот прадедо илинденец и мојот дедо учесник во НОБ. Со моето предлагање за министер вие истовремено ќе ја растоварите вашата партија од бескомпромисни кариеристи. Во моментов вие сте на потег да направите вистински напредок во македонската демократија, да направите будење на македонската професионална креативност која на нашите граѓани ќе им даде поттик и уверување дека и овде кај нас заврши времето на партиското ропство и ретардираност, дека и овде во нашата земја сѐ уште има вистински патриоти и луѓе со висок морал и етички кодекс на професионализам. Вие имате можност да ѝ покажете и на сега владеачката партија, дека како и вие во вашето време, така и тие во нивното, заборавивте на граѓаните професионалци врз чии грб со децении наназад живеат и тераат насилна кариера повластени партиски играчи, преку кои вашите партии го уназадуваат нашето општество и иднината на следните генерации. Во моментов најлошо што може да направите е да ја поврзувате партиската припадност и професионализмот, што со вашиот предлог сте го направиле. Имате време да се корегирате и јас за тоа ви нудам помош. Искористете ме вешто, како што досега не се сетила да ме искористи ниту една партиска влада. Искористете ја мојата чесност и професионалност за да си помогнете себе си и на сите граѓани во оваа земја. Можеби сте опколени со многу партиски „верни лица“ и не можете да поверувате дека во Македонија постојат и освестени граѓани. Затоа, сега е моментот да смогнете сила и да излезете од ограниченоста на вашето партиско опкружување и да погледнете во бескрајноста на можностите кои ги нудат освестените граѓани на државата.

Да живее Македонија!!!

П.С. Со ова мое отворено писмо сакам да ги поттикнам сите професионалци во нашата земја да ја понудат својата професионална стручност во градењето на светлата европска иднина на нашата земја и конечно ослободување од повеќедецениската партиска ограниченост.

Потполковник Предраг Петревски