Денеска средби на Мицкоски со Ахмети, па со Заев, главна тема техничка влада

Денеска лидерите на СДСМ, ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев, Али Ахмети и Христијан Мицкоски ќе одржат одделни средби на тема техничка влада од 3 јануари. Првата средба ќе се одржи во 16 часот во Собранието меѓу Мицкоски и Ахмети. Потоа, во 17 часот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во владата ќе разговара со Заев.

Според Пржинскиот договор, партиите од власта и од опозицијата треба да се договарат околу кадровските решенија за техничката влада.

Од ДУИ велат дека Ахмети освен за техничката влада нема да отвори друга тема со Мицкоски.

Премиерот Заев вчера изјави дека неговата оставка е веќе подготвена и чека само на потпис. Тој вчера изрази задоволство од најавите дека Собранието до Нова година ќе ги донесе сите закони кои стапуваат на сила од 1 јануари.

СДСМ синоќа ги објави своите кадровски решенија за техничката влада. Од ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште нема официјални информации за нивните предлози за министерските позиции во преодното владеење пред парламентарните избори.

Централниот одбор на СДСМ вчера одлучи потпретседателот на владеачката партија и актуелен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски од 3 јануари да биде технички премиер. Тој оваа должност ќе ја извршува 100 дена, до 12 април кога треба да се одржат парламентарните избори. Мила Царовска е предложена како вицепремиерка за економски прашања.

За заменик министер за внатрешни работи во техничката влада СДСМ ја предлага Славјанка Петровска, досегашен шеф на кабинетот на министерот Спасовски. Дополнителен заменик министер за труд и социјална политика е избрана Санела Шкриељ, која беше шеф на кабинетот на министерката Царовска.

„Досегашните шефови на кабинетите на Спасовски и Царовска се професионалци и тоа е доказ дека СДСМ има намера да ги имплементира своите политики дури и во преодниот рок на техничка Влада. Во овие 100 дена многу е важно да продолжат реформите и трансформацијата на нашето општество и со овие кадровски решение нема да дозволиме да запрат процесите како што знаеле во минатото при вакви моменти“, изјави Заев.

InterServer Web Hosting and VPS