Зошто се става токму ѕвезда на врвот на божиќното дрво?

Ѕвезда, ангел, шилец или нешто сосема друго… На врвот на божиќното дрво луѓето ставаат цела низа украси, а на крајот е најважно да ви се допаѓа вашиот избор.

Помеѓу различните облици кои луѓето ги бираат веројатно најпопуларна е божиќната или витлеемската ѕвезда. 

Ѕвездата претставува детаљ кој дополнително ја разубавува целата елка, но дали го знаете одговорот на прашањето – зошто токму ѕвезда? Дел од украсите кои ги ставаме на врвот на божиќното дрво, помеѓу кои и ѕвездата, своите корени ги имаат во религијата.

На пример, некои луѓе ставаат ангел на врвот од елката кој ги симболизира ангелите кои им ја објавиле веста на пастирите за Исусовото раѓање, додека ѕвездата ја симболизира витлеемската ѕвезда која според легендата ги водела трите мудреци кон местото на раѓањето на Исус.

Приказната за ѕвездата се појавува во Библијата во евангелието според Матеј. Тој напишал дека по раѓањето на Исус во Витлеем, во деновите на кралот Ирод, три мудреци од истокот дошле во Ерусалим и се распрашувале за тоа каде е новородениот еврејски крал бидејќи ја виделе неговата ѕвезда како излегува, па дошле да му се поклонат.

Кога тоа го чул Ирод, се вознемирил, а потоа ги повикал мудреците да ги распраша за времето кога се појавила ѕвездата и им рекол да го известат штом ќе го пронајдат Исус бидејќи и тој сака да му се поклони.

Откако си заминале од кај Ирод, се случило нешто многу необично. Ѕвездата што ја виделе уште додека биле на Исток почнала да се движи пред нив. Очигледно, тоа не било обична ѕвезда. Таа се појавила на небото токму за да ги води. Мудреците ја следеле сѐ додека не застанала точно над куќата во која се наоѓале Јосиф и Марија со своето синче.

Кога влегле во куќата, астролозите ги виделе Марија и малиот Исус. Тие се поклониле пред Исус и го дарувале со злато, темјан и смирна. Потоа сакале да се вратат кај Ирод, но Бог на сон ги предупредил да не го прават тоа. Затоа се вратиле во својата земја по друг пат.

Многу христијани веруваат дека ѕвездата била чудесен знак, а според тврдењата на некои теолози, ѕвездата го исполнила пророштвото.

Астрономите во повеќе наврати се обиделе да ја поврзат ѕвездата со необични небесни случувања како што се кометите или супернова. Современите научници не ја сметаат приказната од Библијата за опис на историски настан туку за побожна фикција зад која стои авторот на евангелието според Матеј.

Во секој случај, ѕвездата за многумина е омилен украс кој секоја година го има своето место на самиот врв.

InterServer Web Hosting and VPS