Заев би победил на изборите, ама што дека?

Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:

Обично, не се впуштам во коментирање на предизборни анкети. Не само затоа што човек веќе не знае зад која анкета кој партиски интерес стои, туку и затоа што во последната деценија се потврди, на глобално ниво, дека на изборно-референдумските анкети не може да им се верува – при одговарањето на ваков вид на испитување на јавното мислење, луѓето почнаа да лажат во такви масовни бројки, што резултатите станаа ирелевантни за правење втемелена политичка анализа или, не дај Боже, некаква сериозна прогноза.

Па, сепак, има еден податок во вчера објавените резултати од истражувањето на јавното мнение што го спровеле Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје кој ме натера да се замислам…

Имено, и во ова истражување разликата помеѓу поддршката за владејачката и онаа за опозиционата партија е многу мала – СДСМ води со помалку од два процентни поени пред ВМРО-ДПМНЕ – но, затоа, на прашањето дали сметаат дека оваа Влада заслужува да биде реизбрана во април, 53,9 проценти од анкетираните одговориле негативно, а дури 58,7 отсто велат дека ни опозициската ВМРО-ДПМНЕ не заслужува да дојде на чело на идната, пост-изборна влада.

Е, овие податоци се веќе симптоматични, бидејќи не бараат од испитаниците, евентуално, да лажат на директно прашање за кого би гласале на следните избори, туку се испитува нивното општо расположение кон политичката понуда и општествената клима во државата, за што може да се очекува поголема веродостојност во искажаните ставови. Објавените податоци индицираат клима на политичка криза од поширок, „над-партиски“ карактер, кога мнозинството од граѓаните не е задоволно од никого на политичката сцена.

Во такви ситуации, изборите, во принцип, не решаваат ништо, бидејќи ќе се натпреваруваат оние на кои мнозинството во јавноста, сеедно, не им верува. Тоа не значи дека во таква изборна атмосфера нема да се добие победник на изборите, но значи дека кој и да победи, нема да ја има поддршката кај најголемиот дел од општеството.

СДСМ ова добро го разбира и затоа делува нерешителна и по малку пишман околу почитување на договорот за одржување на изборите на 12 април догодина. На нешто повеќе од половина од добиениот мандат на минатите избори, Владата треба да се самораспушти, свесна дека и очекувањата во јавноста беа преголеми и дадените ветувања прекрупни за да се остварат за нецели три години на власт во државата.