Ладислав Цветковски: 28 години дизајн на Кинотека на Македонија

Графичкиот дизајнер и визуелниот уметник Ладислав Цветковски и Кинотеката на Македонија – во четврток, на 27 декември 2019 година – ја одбележуваат својата 28-годишна соработка со изложба на графички дизајни на уметникот во галеријата на Кинотеката.

Имено, речиси три децении постои и се одржува креативната соработка помеѓу Цветковски и оваа институција од културата – почнувајќи од третиот број на списанието за историја, теорија и и култура на филмот „ Кинопис“ во 1991 година, па се до 56-то, последно издание на списанието, оваа 2019 година.

Цветковски изработил и дизајнерски решенија за повеќе од 150 печатени изданија на Кинотеката – како што се: плакати, филмски програми, брошури, каталози, други периодични изданија, книги, ДВД-ја, а соработката се шири и на изработка на печатени материјали за „ИФФК Браќа Манаки“ (кога Кинотеката беше организатор на Фестивалот), како и на комплетното брендирање и осмислување на визуелниот идентитет на 70-иот Конгрес на ФИАФ (Меѓународна федерација на филмски архиви) кој се одржа во Скопје, во 2014 година, во организација на Кинотеката.

Во каталогот кон оваа изложба, филмскиот критичар и теоретичар Илинденка Петрушевска, за својата долгогодишна професионална соработка со Цветковски, ќе напише:

Световите што Лади (Цветковски) ни ги понуди во неговите дизајнерски решенија за мене претставуваат музика и поезија на визуелните глетки. И она што е многу важно – Лади ги чита текстовите што треба графички и ликовно да ги оформи. И од тоа произлегува и богатата лепеза на постапки – некогаш тоа е во строги, би рекла речиси фотографски рамки, а некогаш тоа е разлеан мозаик на форми што се преплетуваат едни во други со дискретни назнаки на содржината – во колорит што предизвикува „звуци над тишината“. Јасно, зборувам за кориците на издавачките проекти, а што се однесува до графичкото осмислување на текстуалниот дел – е, тука доаѓа до полн израз „пишувањето“ на Лади со значенска предумисла. Често се прашував зошто тука треба две фотографии или зошто тука треба вака текстот да завршува? Сфатив дека таквите постапки не се за да се пополнат дупките: сфатив дека Лади „пишува“ со знаци/значенски графички решенија…велат од Кинотека.

Изложбата на Ладислав Цветковски, во која е прикажан дел од дизајните работени за потребите на Кинотеката од 1991 до 2019 година, ќе биде отворена утре, 27 декември (четрврток), во 19.00 часот и ќе трае сè до 15 јануари 2020 година, во галеријата на Кинотеката, на ул. Никола Русински бр.1, во Карпош 3, Скопје.

Ладислав Цветковски е ликовен уметник, графички дизајнер и универзитетски професор. Покрај професорскиот ангажман на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во моментов работи и како раководител на Студиската програма по графика на Факултетот и како визитинг професор на студиската програма Индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје. Во својата долгогодишна кариера работел и во Музејот на современата уметност во Скопје, Дизајн студиото Скенпоинт, а предавал и на Универзитетот Американ колеџ Скопје. Во текот на целото работно искуство интензивно ги истражува изразните можности на електронските медиуми во уметноста и теоријата на боја, фокусирајќи се на употребата на дигиталната технологија во ликовната уметност. Потврдувајќи го дигиталниот медиум само како уште една изразна алатка во светот на графиката, Цветковски, во своите дигитални графики изработени во периодот од 1999 до 2014, воспоставува систем на добро осмислени знаковни секвенци, кои се преточуваат во визуелен говор. Неговите знаци провоцираат и ги бележат фрагментите од животот и аномалиите на времето во кое живееме. Во последните неколку години како свој основен ликовен јазик го користи социјалниот плакат, преку кој ги коментира актуелните политички случувања, однесувањата и навиките на луѓето, локалниот и регионалниот менталитет и култура, како и глобалните случувања. Целта е да испрати пораки кои се читливи и применливи и во локалниот амбиент, но и во поширокиот општествен контекст и да отвори дискусија за социјалниот, економскиот и политичкиот амбиент во општеството. Цветковски имал бројни самостојни изложби, изложувал на голем број домашни и меѓународни групни изложби, бил член на повеќе комисии за изложби и конкурси, активно учествувал во организирање на работилници, проекти и предавања од областа на уметноста и културата.

InterServer Web Hosting and VPS