Спасовски: Турската етничка заедница во земјава е мостот кој силно нѐ поврзува и обединува

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски го честиташе Денот на турската настава, 21 декември, порачувајќи дека турската етничка заедница во богатиот етнички спектар на ова наше македонско тло, е врзивно ткиво, длабоко втемелено во културниот, историскиот и општествен развој на нашата држава. Таа позиција, рече Спасовски, изградена со силната лојалност и добронамерност, со солидарност и уважување на сограѓаните, заслужува највисок можен респект.

„Оттаму, денешното наше заедничко чествување на Денот на наставата на турски јазик, треба да се сфати како одбележување на датум што ја надминува сопствената симболика, како празник кој што безрезервно ги заслужува пиететот, почитта и искреното уважување од сите наши граѓани. Впрочем, печатот на вековното заедничко живеење и опстојување, меѓу другото манифестиран не само во заедничките културни традиции и историјата, туку и во отворената и искрена поддршка што турската етничка заедница и Република Турција ѝ ја даваат во континуитет на нашата држава, во сите овие години на самостојност, сведочат за нашето цврсто и нераскинливо пријателство. Пријателство, кое како залог оставен од нашите предци, треба да го чуваме, негуваме и уште повеќе унапредуваме.

Ако се бара пример за квалитетен соживот, за меѓуетничка толерантност, уважување и негување на различноста, тогаш сосема сигурно таков би бил примерот изграден од вековното искуство на заедничко егзистирање меѓу турската и македонската етничка зедница овде, во Република Северна Македонија.

Токму таквото заедништво, пак, препознаено и прифатено и од Република Турција, овозможи во неа да имаме кредибилен, доследен и принципиелен поддржувач, со кого споделуваме многу заеднички цели, но и предизвици. Особено на патот на нашето евроатлантско интегрирање, но и во делот на криерирање општество за сите, општество што ќе почива врз модерните културни, социјални, економски, образовни и политички стандарди и вредности.

Турската етничка заедница во Република Северна Македонија претставува мостот кој што силно нѐ поврзува и обединува во остварувањето на заедничките интереси и цели“ заврши Спасовски.

InterServer Web Hosting and VPS