Заев: Идната година пензиите ќе се покачат за околу 900 денари

Просечната пензија од јануари наредната година е предвидено да се покачи на 15.500 денари, а Владата за 2020 година во буџетот, кој што е во Парламентот и деновиве треба да се усвои, предвиде покачување од 700 денари и дополнително усогласување околу 200 денари, изјави премиерот Зоран Заев на денешната неформална средба со пензионерите во Скопје, на која заедно со министерот за здравство Венко Филипче и министерката за труд и социјала, Мила Царовска ги презентираа мерките посветени на постарите граѓани.

Премиерот рече дека пензиите во 2020 година ќе пораснат за околу 900 денари, односно како што појасни, со доаѓањето на власт од јуни 2017 година, до почетокот на идната година вкупно ја покачиле просечната пензија за 1.746 денари.

– Оваа Влада како левичарска Влада е сериозно посветена на вложување во човечкиот капитал, во целиот овој период, сите перформанси на економијата кои дојдоа со крупните и храбрите политики, интеграциските политики, овозможија нашиот буџет да биде стабилен, да немаме раст на јавниот долг, да немаме дополнителни задолжувања освен за капиталните инвестиции, и сите овие наши ресурси да направиме рамномерна распределба за придобивките на сите граѓани во унапредувањето на економскиот стандард на граѓаните, додаде Заев.

Со оваа мерка, според премиерот Заев, за цела идна година пензионерите во просек ќе добијат 10 илјади денари повеќе или околу 850 денари месечно.

– Ако продолжеше по стариот модел, пензионерите ќе добија зголемување за само 400 денари, и тоа е предноста на структурните реформи кои што ги направивме. Има обид за кочење на Законот за пензиите во Парламентот, јас апелирам Законот да се донесе навремено за да може да се имплементира, рече Заев.

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој исто така присуствуваше на средбата со пензионерите, потсети на мерките преземени од страна на Министерството, кои директно ги засегаат постарите граѓани во земјава.

– Една од мерките кои директно ги засега постарите граѓани, со оглед на тоа што се многу често со хронични болести и често користат хронична терапија, е укинување на квотите во аптеките ширум државата. Еве веќе трет месец и снабдувањето со лекови оди одлично, нема повеќе кризи, нема повеќе гужви и турканици на почетокот на месецот, има лек на рецепт во било кој дел од месецот. Нема потреба од создавање на домашни аптеки, нема потреба од зимање лекови на рецепт на некој близок од семејството и анализите укажуваат дека постојат региони во кои издавањето на рецепти дури и се намалува.

Друга мерка која што минисерот ја посочи е бесплатната вакцина против грип која веќе втора година по ред се обезбедува.

Тој појасни дека станува збор за најсовремена вакцина која веќе се спроведува, со оглед на големиот интерес ние обезбедуваме и дополнителна количина на вакцини што ќе биде дистрибуирана во здравствените домови и секој на кој што е наменета може преку матичниот лекар да закаже термин во соодветен термин во здравствен дом.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната неформална средба истакна дека пензионерите се навистина солидарни во процесот на креирање и спроведување на реформата на стабилизација на пензискиот систем, и според неа, тоа е огромно достигнување и за сегашни пензионери и за идните пензионери,

– Ние како Влада и како Министерство одлучивме дека денеска со претставници на локални здруженија на пензионери и претставници на сојузот на пензионери треба да дискутираме за тоа кои се нивни предизвици во живеење, но и да зборуваме за растот на пензиите, кој што се случуваше минатиот период. Најавеното зголемување на пензиите кое ќе почне со февруарската клизија исплатена наредната година, 700 денари ќе добијат сите пензионери дополнителни од 160 до 200 денари двете законски усогласувања, е навистина огромно достигнување за сите сегашни и идни пензионери, рече Царовска.

InterServer Web Hosting and VPS