Уставна опструкција на правдата

Автор: Андреј Божиновски

Конструктот на македонското уставно судство за жал сеуште е субјект на негово развивање или подобро и најново – деконструктирање од неговата современост како чувар на уставниот поредок на државата до современите форми на опструкција на правдата во кои се покажуваат причините зошто се формирал онаков каков што е. Скандалот со помилувањата на Иванов како што забележуваме има сериозни последици во можните судски постапки, екстрадициски постапки и постапки за азил на меѓународен план. Имено самото повлекување на веќе еднаш дадена амнестија е сериозен проблем со кој се соочуваат случаите на поранешното СЈО,а сега во рацете на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Консеквентно на тоа секој држава сонува за функционален Уставен суд. Меѓутоа треба да се разбери дека Уставниот суд нема никаква врска со „регуларното“ судство односно третата власт во државата. Тој не работи согласно Законот за кривична постапка или Законот за судовите, туку врз Уставот и Деловникот. Во однос на избор на членовите на тој суд, критериумите не се толку високи колку што би биле при избор на судија во основен суд, што упаува на политичка флексибилност. Послендното „будење“ на Уставниот суд да одлучува во однос на законитоста на повлекувањето веќе дадените амнестии, фрла сериозна закана за владеењето на правото во земјата, како и претставува своевидна опструкција на правдата. Дали Уставниот суд на Северна Македонија не ја гледа целосната слика или одбива да ја види целосната слика ќе дознаеме наскоро. Тоа повлекување на помилувањата поранешниот претседател беше конструктот врз кои се изградија случаите против пораншните високи функционери, случаи што требаа ја ја вратат правната сигурност во државата. Мал флешбек би ни бил корисен за темава, кон и од точка на национална траума од слабо претседателство на републиката од перспектива на опструкција на правдата.

Концептот на Специјалното јавно обвинителство е заснован на иницијатива на Европската унија, кој посредуваше во преговорите кои требаше да ја решат политичката криза во Македонија, и кои резултираа со т.н. Договор од Пржино. Самиот чин на претседателската помилување беше неуставен. Преку неуставната одлука, претседателот сакаше да ја прекине истрагата, да ги спречи кривичните постапки, и да ја оневозможи работата на Специјалното јавно обвинителство. Кон тоа прашање дел од водечки правни експерти во Република Македонија, меѓу кои проф. д-р Светомир Шкариќ и проф. д-р Гордан Калајџиев, укажаа на тоа дека актот на претседателот, покрај тоа што е неуставен и незаконски, претставува и своевиден државен удар кој го поткопува демократскиот систем на земјата. Меѓутоа да почнеме од почеток

Самиот акт на помилувањето не претставува можност за императорски прерогатив на претседателот на републиката, туку тој чин е условен во развиените демократии со интеринституционална соработка меѓу кабинетот на претседателот, комисијата за помилување и министерството за правда. Во нашиот случај – Устаниот суд би требало да ги земе предвид околностите на дадените помилувања и нивната нелегитимност од почеток. Имено помилувањата на Иванов се дадени без претходна процедура во Министерството за правда, што упатува на веќе константирани слабости во простапката. Понатаму фактот на нивниот квантитет односно 56 помилувања претставуваат де факто амнестија, за што по Уставот ја дава Собранието, а не Претседателот на републиката. Во меѓународното право, конкретно во практиката на меѓународните судови, сметаат дека етаблираниот принцип во однос на дадена амнестија или помилување е ништовна. Нивниот став произлегува од фактот дека помилувањето или собраниската амнестија не треба да бидат дадени за да попречуваат одговорност за сериозни повреди на човековите права како и опструкција на правдата, па затоа легитимно беше нивното повлекување.

Во регионот самиот акт на аболиција на претседателот, правен инструмент кој Хрватска веќе со години не го познава, бидејќи претставува контроверзно вмешување на извршната власт во судството, не ги задоволува ниту уставните, ниту законски критериуми утврдени во Северна Македонија Македонија и Република Хрватска, како земја каде што владеењето на правото е една од највисоките вредности на уставниот поредок

Келзен, кој е основоположник на концептот на уставното судство, пишува дека со укинувањето одредба која заменува претходна одредба, стариот закон не се враќа автоматски. Имено Законот за помилување беше изменет и дополнет во 2009 година каде со бришење на член 11 се укина можноста за помилување без спроведување постапка, односно императорско помилување. Во 2016 година, Уставниот суд целосно го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, a истата година, Претседателот даде помилување на 56 лица и истите се дадени без да се спроведе постапка преку Министерството за правда или Комисијата за помилување. Всушност, засновувањето на помилувањaта на член 11 од Законот за помилување од 1993 година, кој не е во сила од 2009 година, ја прави одлуката за помилување ништовна. Со Законот за измени и дополнувања на Законот за помилување од 2009 година се укина член 11 од Законот од 1993 година. Одлуката на Уставниот суд од 2016 год. го укина Законот од 2009 година. Со оглед на тоа што Уставниот суд донесе укинувачка, а не поништувачка одлука, со укинувањето на Законот од 2009 година, не се врати во сила одредбата од член 11.

Соодветно на тоа, а дополнето со констатации во низа извештаи на домашни и меѓународни организации и сл. Документи, како т.н. Прибе извештаи, но утврдено и во низа судски пресуди укажуваат дека не се работи за изолиран случај на злоупотреба на претседателскиот прерогатив на помилување. Тука се работи за за сериозна и организирана злоупотреба на власта, со масовно кршење на човековите права (масовно прислушување, полициска бруталност, злоупотреби на судството и сл.), како и злоупотреба на Уставниот суд од тогашната власт. Соодветно на тоа дадените помилувања на Иванов беа прогласени за еден вид на опструкција на правдата и негување на принципот на неказнивост во државата.

Самото нивно повлекување, кое беше поздравено од Европската унија беше со цел да се зачува принципот на одговорност и да обезбеди еднаков третман на сите страни и ешалони на власта пред законот. Секако кон тоа, а во контекст на практиката на судот во Стразур ќе помогнеше доколку се иницираше и постапка за кривична одговорност на Иванов за злоупотреба на институтот помилување, но тоа не се случи.

Сепак свесни сме и за улогата на Уставниот суд во целата таа мешаница и знаеме дека овој состав и не е така баш rule of law ориентиран. Затоа неговото одлучување во однос на уставноста на повлекувањето на помилувањата е донекаде и неподобна, поради блокада на кривичната одговорност на поранешните политички елити. Повлекувањето на незаконските помилувања од Иванов, беше основата врз која се базираше концептот на СЈО, истрагите на СЈО и воопшто правната сигурност. Легалистичкиот пат што овој суд го одбра, да ја испитува уставноста на на незаконското помилување има политичка позадина што би резултирала со активирање на членот 304 од ЗКП односно запирање на постапката, правна сила на дадените помилувања и зајакнување на принципот на неказнивост и неодговорност. Консеквентно да тоа довербата во полиитчкиот и правниот систем ќе колабира.

За одјава, можем да непоменам дека не секогаш грешката се наоѓа во судовите или обвинителството. Тие можат да направат брилијантна работа во конректен предмет и да ја истераат правдата до крај – Уставниот суд понекогаш е тој, кој ќе ја оплеска работата. Овие чекори на Уставниот суд може да се користат како омаж кој би сугерирал каде и како да се направат понатамошни измени за негово целосно функционирање.