Ветинг во судството веднаш или како последна опција: Заев и Жбогар со спротивни ставови

Откако премиерот Зоран Заев ги повика институциите веднаш да започнат проверка на имотот на судиите и обвинителите, а Европската комисија да активира инструменти за мониторинг на судските случаи од висок профил, евроамбасадорот Самуел Жбогар се огласи со изјава дека препораката за ветинг во судството е последна опција и оти во моментот не гледа дека има потреба за такво нешто.

„Процесот што го спроведуваме се вика прочистување во делот на правосудството, кај судиите и јавните обвинители. Поимот ветинг не треба да го употребуваме заради тоа што ветингот, посебно во регионот симболизира една поразлична постапка што се спроведе во соседството, во Албанија, што претходно беше на меѓународни комисии. Ние сме во понапредни фази со реформските закони, пред се во правосудството, дадовме сериозни алатки каде што самите институции може да влезат и да го направат прочистувањето”, изјави вчера Заев, појаснувајќи ја завчерашната изјава дадена на трибината на „Прав пат”, на која ги повика надлежните институции да ја почнат постапката за проверка на имотот на судиите, обвинителите и нивните семејства, а од Судскиот совет побара да ја провери ажурноста на работата на судиите и обвинителите.

За Жбогар, пак, ветингот во судството е последна опција, која треба да и се случи на земјава.

„Ветингот е последната опција. За ветинг има еден предуслов, тоа е консензусот од сите политички страни, но тоа е последното решение. Во моментот не гледаме дека има потреба за такво нешто. Тоа е нашиот став, секако одлуката останува да се донесе во државата, во Северна Македонија”, рече Жбогар по вчерашната средба со претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати.

На новинарско прашање како ЕУ ќе одговори на барањето од премиерот Заев за поддршка за спроведување ветинг во судството, Жбогар посочи дека се уште ја нема слушнато изјавата, но повтори дека ставот на ЕУ е јасен.

„Претпочитаме судството да ги искористи елементите за подобрување од внатре. На крајот и не е во толку лоша состојба”, изјави Жбогар.

Од Судскиот совет за МИА изјавиле дека во континуитет се вршат проверки за застарувањето на предметите со непосреден увид во Основниот кривичен суд Скопје.

„Судскиот совет на ден 9.10.2019 година и 20.11.2019 година започна со проверките за застарувањето на предметите со непосреден увид во Основниот кривичен суд Скопје. Континутетот на проверките продолжува и понатаму со увид на 18.12.2019 година”, велат од Судски совет.

Заев ја прозва и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да отвори постапки за проверка на имотот на судиите и обвинителите, а УЈП, Катастарот, Централниот регистар, МВР и Финансиската полиција уште овој месец да почнат проверки на имотот на судии, обвинители и членови на нивните семејства.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска за МИА одговори дека ДКСК веќе има изградено став по тоа прашање и согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси усвојува Годишен план за наредна година, за следење на имотна состојба и судир на интереси, врз основа на извршена анализа и проценка на ризици од корупција во одредени области, што е и основа за изготвување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Во делот на следењето на состојбата на судирот на интереси, Државната комисија ги проверува податоците од изјавите за интереси кои се однесуваат на работни места, членство во управни и надзорни одбори, здруженија на граѓани и фондации и други податоци кои се однесуваат на избраните и именуваните лица и членовите на нивните семејства.

„Испитувањето на имотната состојба, е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување потребно е зајакнување на постојните човечки и материјално – технички услови и вклучување на други истражни органи”, појаснуваат од ДКСК.

Оттаму додаваат дека е неопходна координација на сите надлежни институции, но врз основа на конкретни задолжувања од страна на Владата.

InterServer Web Hosting and VPS