КАКВА ПЕСНА НИ СЕ СЛУША?

Арбен Таравари

Еден пријател вчера, на кафе, ме праша каква музика слушам. Велам сѐ што ме инспирира, ме мотивира, ме понесува напред, ме тера да размислувам, за сегашноста, за иднината. Го знаете она чувство на вознесеност, кога пред очи ви излегуваат слики, копнеж, замисли, идеи.
Нешто ме натера да размислувам за поврзаноста меѓу музиката и политиката.

Во природата на политиката е конфликтот и хармонијата, а тоа го има и во музиката. Музиката, неретко, се искористувала како протест на политичкото статус кво или на доминантните политички наративи. Ги одразува потребите на луѓето, нивните чувства, ги поврзува луѓето меѓусебно и создава силна врска меѓу нив, да се почувствуваат како едно. Германскиот писател Јохан Волфганг Гете своевремено рекол „секој ден, човек треба да слушне барем една добра песна, да прочита барем една поема, да види убава слика и, ако е можно, да каже неколку разумни збора“. Музиката не само што ги поврзува луѓето, туку и ја подотвора вратата за подобра иднина, покренувајќи ја свеста за многу нешта, поттикнувајќи на промени.
Но, каде политиката и музиката се разликуваат? Како политиката, таква каква што е, под ова наше поднебје, се оддалечува од филозофијата на музиката?

Нашата политика е миопична, кратковида. Нѐ заглавува во исти и повторливи матрици, со неа тоне(в)ме, нѐ влече надолу. Нѐ остава да опстојуваме во општество каде што има длабока поделеност и нееднаквост, финансиска криза, отворена корупција, неправда, и што ли уште не. Ако музиката нѐ поттикнува да создаваме слики, идеи, замисли и да биде нешто што со генерации ќе се слуша, политиката, за жал, не ни го прави тоа.
Голем број политичари едвај можат да погледнат подалеку од хоризонтот на следните избори. Сѐ што прават е за СЕГА И ОВДЕ, а не за натаму, нанапред, за идните генерации. Се фокусираат на брзите „поправки“ поттикнати од криминалот и криминалното, на сценаријата за гротескни паради, да не речам галопирање, до затворските решетки и назад. Но, не размислуваат за подлабоките социјални и економски причини за криминалот и криминалното. Се расправаат на конференциските маси со висок сјај, додека државата „гори“, а народот полека, но сигурно, заминува, барајќи излез од суровото секојдневие. И упорно си се држат до својата, класична, стратегија за стекнување доверба, избегнувајќи да ја решат неизвесноста, негирајќи ги аномалиите на системот, продолжувајќи да продаваат лажни соништа, напаѓајќи ги противниците, создавајќи полтронизам и условеност…Сѐ само за да останат на власт.

Ај што ни е оштетен народот којшто решил да остане во ова општество, ами ни нанесуваат големи штети и на идните генерации и нивните интереси. На тие, идни. генерации уште отсега им се негираат и загрозуваат правата и животот под ова поднебје. Зашто, ќе повторам, тоа што се прави е за сега и овде, а не за подобро утре и иднина. Тоа е таа слепа точка што едвај кој ја забележувa, а е толку огромна. Да те заслепи!
Иднината, за ваквите политичари, е далечен пункт каде што слободно можеме да ги фрламе продуктите од нашата деградација, не размислувајќи за длабоката контаминација. Иднината е празно време, празен простор, кој уште отсега е еродиран од налетот на ниските страсти на политичарите.

Но, едно не смееме да заборавиме: се наоѓаме во ера која што бара историски и коренити политички промени. Додека во светот одамна се размислува за правата и интересите на идните генерации, кај нас тоа допрва почнува да е предизвик, кој што ако не се разбере правилно ќе нѐ доведе до точка да станеме непознат топоним во меѓународни рамки.
И колку за да не излезам од сценариото што некои, веројатно со право, ќе го сметаат за научно – фантастично, да споменам за пионерските експерименти на некои држави, кои веќе наголемо размислуваат за граѓаните на иднината. На пример, Финска има парламентарен комитет за иднината, што го проверува законодавството и неговото влијание врз идните генерации. Во периодот меѓу 2001 и 2006 година, Израел имаше правобранител за идните генерации, но позицијата беше укината бидејќи се сметаше дека има премногу моќ за да го одложи законодавството. Еден од посовремените примери е оној од Велс, каде што е создадена позицијата комесар за идните генерации, како дел од Законот за благосостојба за идните генерации од 2015 година. Улогата на комесарот е да овозможи јавните тела во Велс кои што работат во различни области, било да се однесуваат на животната средина или шемите на вработување, да донесуваат одлуки за политики кои што ќе бидат соодветни и корисни најмалку 30 години во иднината.

Но, ајде, да се вратиме во нашата сегашност. Има ли лек за оваа политичка циркузијада која што ги поттурнува интересите на сегашните и идните генерации далеку од хоризонтот?
Каде е почитта на желбите за независност во секоја смисла на зборот, на визиите за иднината, каде е вклученоста на граѓаните во редовен дијалог околу решенијата? Каде е отвореноста за дилемите и потешкотиите?
На современиот, информиран, гласач нема да му биде доволно да биде залажуван со (мило)звучни видеја и слогани, стихови и басни. Ако тие се исклучени од поширокиот политички процес, вратата кон иднината ќе се пломбира засекогаш. Убаво рекол авторот на меѓународниот бестселер „Емпатија – прирачник за револуцијата’, филозофот Роман Крзнарик: „ Кога политичарите не успеваат да погледнат подалеку од следните избори, па дури и од најновиот твит, ги занемаруваат правата на идните генерации“.
Отворајќи, се надевам, нови дилеми за размислување, ќе завршам со стих од песна од мојата младост:
„Промена…сега е време за промена…ништо не е веќе исто…Чувствувам дека иднината во рацете на младите ќе биде побезбедна, без повеќе лаги (Motley Crue, “Time for a change”).

InterServer Web Hosting and VPS