Трета година по ред регистрирано намалување на животниот век на Американците

Најнова студија укажува на значително скратување на животниот век во САД. Врз основа на анализата на податоците, очекуваниот животен век се зголемил за околу 10 години во период од скоро шест децении, од близу 70 години, на речиси 79, но потоа се намали од 2014 година за три последователни години.

-Целокупното скратување на животниот век е поврзано со зголемување на смртноста во рамките на возрасната група 24-65 години, вели Стивен Волф, кој беше ко-автор на извештајот.

– Голем дел од тоа е зголемувањето на смртноста поради предозирање со лекови и тоа е една од главните причини за овој тренд, вели Волф.

Според податоците од Центрите за контрола и превенција на болести, во просек 130 Американци умирале секој ден од предозирање со опијати во текот на 2017 година. Сепак, ова не е единствената причина за скратување на животот на Американците.

– Идентификувани се зголемен број на смртни случаи како резултат на алкохолизам, самоубиство и околу десетина болести. Мислам на дијабетес, заболувања на белите дробови, срцеви заболувања, сите вклучуваат 35 причини за смрт, додаде Волф.

Џон Хејга од Националниот институт за прашња за стареење вели дека податоците се поразителни.

– Ова се сериозни работи. Во Америка немавме толку краток животен век од раните години на епидемијата на СИДА, а пред тоа во годините на меѓународната епидемија на грип по Првата светска војна, вели тој.

Сепак, тој исто така потенцира дека скратувањето на животниот век е комбинација на повеќе процеси што траеле со децении.

-Ние трошиме речиси двојно повеќе од европскиот просек во здравствениот сектор. Тоа е индустрија од 3,5 илјади милијарди американски долари во САД. Ниту една друга земја не е ни близу.Не направивме доволно во областа на превенција на болести и се што луѓето треба да прават во таа смисла – да бидат физички активни, да се хранат правилно, да им пристапуваат на време на здравствени проблеми, истакнува Хејга.

Студијата беше објавена во магазинот на Американското медицинско здружение.

InterServer Web Hosting and VPS