Шест странски компании годинава добиле 13 милиони евра од државата, скоро половина инкасирала Кромберг и Шуберт

Шест странски компании кои инвестирале во земјава годинава добиле поддршка од државниот буџет во вкупен износ од над 13 милиони евра под ставката „други трансфери“, под која впрочем се реализираат државните субвенции согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, покажува базата „Отворени податоци“.

Официјалните податоци за исплатите од трезорот откриваат дека од сите странски инвеститори во државава најмногу субвенции годинава добила германската групација Кромберг и Шуберт, која во 2013 година отвори фабрика за производство на кабли за атвомобили во битолската индустриска зона Жабени.

Имено, под ставката 464990, со која, според Правилникот за класификација на расходите, се означуваат таканаречени „други трансфери“ во рамки на категоријата „разни трансфери, годинава од владата кон оваа компанијата се регистрирани трансакции во вкупен износ од околу 346 милиони денари или над 5 и пол милиони евра.

Понатаму, Адиент Аутомотиве лоцирана во Струмица, која всушност беше третата фабрика на американската Џонсон Контролс за автомобилски ентериер, само годинава од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни суми примила над 120 милиони денари, односно скоро 2 милиони евра.

Што се однесува до останатите компании, интернационалната Дрекслмајер за кабелски сетови во автомобилската индустрија, стационирана во Кавадарци, годинава преку 4 транши од владата инкасирала над 107 милиони денари, односно скоро 1,8 милиони евра.

Според висината на примени државни субвенции во тековната 2019 година, се издвојува и уште една германска компанија – Маркарт која има фабрика во Велес, имајќи во предвид дека на нејзината сметка годинава легнале над 100 милиони денари преку 4 исплати, односно околу 1,6 милиони евра.

Интернационалната Костал, која врши производство на електроника, мехатроника и софистицирани делови за автомобилската индустрија во халите на некогашниот гиганг ЕМО Охрид, годинава има два приливи од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, чија вкупна вредност е над 91 милиони денари или скоро 1 и пол милини евра.

Исто така, треба да се издвои и белгискиот производител на автобуси присутен со две фабрики во Македонија – Ван Хол, која во текот на оваа 2019 година добила од Агенцијата за странски инвестиции 78 и пол милиони денари, односно околу 1,2 милиони евра.

Инаку, треба да се посочи дека станува збор за финансиската поддршка кои овие компании ја добиле само во оваа година за некој од следните основи: нови вработувања, воспоставување и унапредување на соработка со домашни добавувачи, на организациони облици за технолошки развој и истражување, инвестициски проекти од значаен економски интерес, за пораст на капитални инвестиции и приходи, зголемување на конкурентноста итн.

Според законот, финансиската поддршка ја доделува Владата, додека договорите во име на Владата ги потпишува заменик претседателот задолжен за економски прашања, министерот за економија, некој од министрите без ресор задолжени за странски инвестиции, или пак некој од директорите на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.

InterServer Web Hosting and VPS