Цел свет објави дека Скопје е домаќин на фудбалско СП, нашиве поим немаат!

Како бомба одекна објавата на КОИНФА, Конфедерацијата на независни фудбалски асоцијации, дека Скопје од 20 мај до 7 јуни идната година ќе биде домаќин на Светското првенство во фудбал за непризнаени земји. Ова е четврто издание на ваквиот Мундијал, а првично требало да се игра во Сомалиленд, но оваа непризнаена земја, која е дел од Сомалија се откажала, па од нигде-никаде Македонија прифатила да го организира настанот.

За одлуката да се игра ваквиот Мундијал во Скопје, буквално цел свет објави дека македонската престолнина ќе биде домаќин, а челниците на КОИНФА дури посочија дека се пресреќни што на дело ќе ја видат макеоднската гостољубливост. Но, како Скопје се најде за домаќин – никој не знае!

Во земјава после вчерашната информација сите се затечени и немаат поим, од каде домаќинот на европскиот Суперкуп на УЕФА во 2017 година, сега ќе биде домаќин на држави и региони кои никој не ги признава никаде – ни во ОН, ниту во ФИФА или УЕФА.

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) посочија дека немаат поим како Скопје станал домаќин, уште помалку кој го организира настанот, ниту каде би се играле мечевите. Организирањето на ваков Мундијал не е дело на ФФМ.

Веќе се споменува дека СП ќе се игра на најголемиот наш стадион Националната Арена „Тодор Проески“, но и од таму, информациите се дека никој вакво нешто ниту пријавил, ниту побарал. И тие се затечени од информациите дека Скопје добило организација на вакво СП.

Се поставува прашање од каде изникна и чија е оваа идеја за СП за непризнаени држави?

Од досега одиграните три шампионати, почнувајќи од 2014 година (се игра на две години), првото првенство се играло во Северна Европа во регионот Сампи, кој опфаќа региони на четири земји Норвешка, Шведска, Финска и Русија. Вториот и третиот Мундијал се играле во непризнаени региони, кои сакаат независност, ама… Првиот во Абхазија, автономен регион кој го контролира Русија, а Грузија смета дека е нејзин составен дел, а потоа во Барава, пристанишен град во регион во Сомалија. Овој четврти Мундијал требало да се игра во Сомалиленд, независен регион, кој никој не го признава од 1991 година, а Сомалија го смета за составен дел. Ама, од Источна Африка, „магично“ Светското првенство се пресели во срцето на Балканот и Европа.

Засега од КОИНФА освен дека Скопје ќе биде домаќин во одреден термин, нема други детали. На Мундијалот ќе играат 16 екипи, барем така е предвидено, некои од учесниците веќе се знаат, но нема точни локации на кои стадиони би се играле мечевите. Веројатно до крајот на јануари догодина, за кога е закажана ждрепката, ќе биде појасно и кој сè ќе настапи, а и каде сè ќе се игра фудбал во макеоднската престолнина.

InterServer Web Hosting and VPS