Костадинов: Дали Мицкоски спротивно на Законот за судир на интересите бил избран како асистент кај татко му?

„Уште еден ден без одговори од Христијан Мицкоски за неговите лаги за лажните магистратура и докторат наводно стекнати во Италија и Германија. Секој ден го повикувавме Мицкоски да каже зошто ги лажеше и нашите граѓани, но и премиерот на соседна Бугарија, за тоа каде магистрирал и докторирал“, изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник.

Според него, молчи Мицкоски, се мисли што да каже и што да излаже.

„Додека го мисли одговорот, му поставуваме уште неколку прашања: Христијан Мицкоски, дали спротивно на Законот за судир на интересите, користејќи ја позицијата на татко ти, и преку негов притисок врз целиот Наставно-научен совет на Машинскиот факултет, без никаква солидна академска подготовка, си избран како асистент на твојот татко?

Христијан, одговори им на граѓаните зошто како рецензент на твоите трудови се јавува твојот татко? Дали беше малку што те направи асистент, па мораше и на трудовите да ти се потпишува како рецензент? Мицкоски излажа за договорот со Бугарија, излажа за магистратурата и за докторатот во Германија и Италија, па, еве, шанса, нека се охрабри и нека каже како успеал да стане асистент на Машинскиот факултет во Скопје? Мицкоски е најлошиот асистент на Машинскиот факултет. Мицкоски е најлошиот директор на ЕСМ. Мицкоски е најлошиот лидер на опозицијата. Неговата кариера ниту е професионална, ниту е академска, ниту е политичка. Неговата кариера е измамничка и манипулативна. Впрочем, каква може да му биде кариерата на човек чиј ментор е Никола Груевски?“, се додава во соопштението.

InterServer Web Hosting and VPS