Собранието го донесе законот за дополнително финансирање за автопатот Кичево-Охрид

Собранието на Република Северна Македонија со 68 гласа „за“ денеска го изгласа Предлог-законот за гаранција на РСМ на обврските по договорот за заем за дополнително финансирање за проектот за изградба на автопат – делница Кичево – Охрид што ќе се склучи меѓу Експорт-импорт банката на Кина и Јавното претпријатија за државни патишта што се носи по скратена постапка.

Законот предвидува склучување на трет анекс на Договорот за дополнително финансирање на изградбата на автопатот Кичево – Охрид во висина од 179 милиони долари.

Иако и власта и опозицијата ја поддржаа изградбата на овој автопат, и на вториот ден од дебатата спореа за одолжувањето на изградбата на овој автопат, кој е од особена важност за тамошните жители и туристите кои одат за Охрид, за тоа дали се потребни клучките и колку тие се економски оправдани, но и за обвинувањата дека проектот бил криминализиран.

-Сами признавте дека трасата на автопатот не е згрешена, рече Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ за кого средствата предвидени за изградба на клучки за излез на локалните патишта се премногу големи. Тој обвини дека патот Штип-Кочани иако бил почнат многу порано на него не се работи, додека Штип-Радовиш се прави и тоа, како што рече Димков, бидејќи премиерот патува кон Струмица по него.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, го демантираше Димков велејќи дека не е точно тоа што го тврди за премиерот и оти клучките на автопатот им се потребни на локалните жители.

Пратеникот Трајко Вељаноски, иако изнесе низа забелешки, побара од Сугарески побрзо да се изгради оваа делница, со која се доцни веќе 2,5 години, бидејќи тоа е потребно не само за локалните жители туку и за туристите кои одат кон Охрид и тој регион.

Кога Сугарески бил во опозиција, како што рече Вељаноски, велел дека проектот е криминален, додека сега вели дека е добар. – Ги баравте трасата и тунелот, а ништо не сменивте во трасата. Тунелот е истиот. За овие 2,5 години ништо не направивте. Нарушена е безбедноста на тие што патуваат, а има и штета на тоа што е направено. Можевте да викате дека проектот е криминален, но требаше да продолжите да градите. Зошто од ноември 2018 ви требаше една година да го доставите овој закон во Собранието? Има шпекулации дека претходниот министер за финансии не сакал да го потпише овој закон, рече, меѓу другото, Вељаноски. Рокот на изградба е до јуни 2021 година, но пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека тој ќе биде пробиен.

Министерот одговори дека нема дилема дека некој не сакал да продолжи работата на автопатот и дека не било измислено тоа дека проектната документација не соодветствувала со реалната состојба.

InterServer Web Hosting and VPS