Димитров во Брисел на состанок со НАТО-сојузниците

На покана на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Брисел ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој претставува последна подготовка за НАТО лидерскиот состанок што ќе се одржи во Лондон на 3 и 4 декември.

Македонија, која засега има статус на „поканета” земја за членство во НАТО, активно ќе учествува во разговорите на НАТО-сојузниците за комплексните стратешки прашања.

Предвидено е министерот Димитров во оваа пригода да ја реафирмира нашата посветеност и поддршка на клучните политики на НАТО, како идна земја членка, по прашањата од исклучително значење за алијансата: праведната распределба на финансискиот товар, борбата против тероризмот, адаптирањето на НАТО-политиките и стратегиите кон променливата безбедносна околина, контрибуцијата во меѓународните операции, справувањето со неконвенционалните безбедносни закани и други прашања од заеднички интерес.

На маргините на состанокот, Димитров ќе оствари повеќе билатерални средби со министрите за надворешни работи од земјите членки на НАТО, како и со високи претставници на алијансата.

InterServer Web Hosting and VPS