Општина Центар сакала да го обештети сопственикот за да не се гради катна гаража кај „Автомакедонија“

По барање на адвокатот на сопственикот на „Никофон“, Никола Настески, општина Центар имала неколку обиди да постигне договор со фирмата за обештетување, со цел земјиштето на кое треба да се гради катна гаража да остане паркинг и да не се гради деветкатница, но сопственикот решил да гради. .

„Имавме средба по барање на адвокатот на Настески, јас бидејќи сум лично заинтересиран, бидејќи имав историја со тоа, бев директор на ПОЦ, имавме некои немили настани со него, рековме ајде да седнеме да разговараме. Една од идеите беше да се најде начин за обештетување. Претпоставувам дека тоа му излегдало несериозно на него, но јас не можам да го диктирам темпото, имавме усни разговори и неколку дописи, на крајот тој рече дека сака да гради“, рече градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ по изјавата на Никола Настески, сопственикот на „Никофон“ за Локално, дека пред еден месец ги прекинале преговорите со општината поради несериозност.

Тој смета дека во нивната сериозност за да ги покажат прекршоците, Настески бил предизвикан да започне со градба. Богдановиќ тврди дека има и други недостатоци, бидејќи има само еден влез, а за катни гаражи треба да има влез и излез. Вели дека има и други промени за кои смета дека треба да се истражи кој и како менувал одредби за да се гради.

Градоначалникот ги презентираше и документите кои Обвинителството дополнително ги побарало од општината, односно 72 списи во 2016 година, а во 2019 година, од кога стопанисуваат со земјиштето, доставиле списи до МВР, одделот за сузбивање.

„Во тој дел се изградија многу објекти од „Скопје 2014“ и поради насилничкото градење имаат проблем со ставање во употреба на тие објекти. Плановите беа носени во доцните часови, а сега тие се нефункционални, се плашам дека ќе останат споменик за неразумно и ненормално владеење“, рече Богдановиќ.

Најголемиот сомнеж на општина Центар е начинот на кој е донесен Деталниот урбанистички план и брзината со која се продало земјиштето во Голем Ринг.

Имало и сомнително снемување на интернет кај еден од учесниците во јавното наддавање, случај за кој имало и приговор, но никогаш не се реагирало.

„Еден од учесниците во јавното наддавање поднел приговор бидејќи во моментот кога се поднесувало електорнското наддавање случајно или не, снемал интернет, но никогаш не добил одговор од министерството за транспорт и врски за приговорот. Ние бараме повторно да се отвори овој случај, бидејќи поради аномалиите може договорот и дозволата да бидат поништени и земјиштето да се врати на општина Центар“, додаде Богдановиќ.

Тој побара да се издаде времена мерка за прекин на градба, со цел да не се случи несакана штета бидејќи има недоистражени работи во случајот.

InterServer Web Hosting and VPS