Ќе се удави ли Северна Македонија во скопската магла?!

Загадувањето на Скопје, Куманово, Тетово, Битола ни стана секојдневие. Жителите се жалат. И со право. Не што немаат чист воздух туку и здравјето го губат. Загадувањето не е партиско. Тоа го знае и Мицко и Заев и Ахмети. Сепак, некоја од нив, забораваат и велат дека оваа Влада е виновна. Не дека им е „гајле“ за жителите што неможат да дишат, туку за да „заработат“ некој поен за претстојните предвремени парламентарни избори. Маваат со дрва и камења, а забораваат дека до вчера, на истото „столче“ седеа тие. Знаат и дека и тие ветуваа но, не го решија проблемот. Им го оставија како „наследство“ на вторите. Но, што да се прави. Такви сме си ние. „Ако не можеш на магарето, удри на самарот!“.

Загадувањето не е вчерашен проблем.Тој е со години. Но, ниту едните, ниту другите, ниту пак третите не најдоа решение. Скопје остана назагаден град во светот. Од ветување глава не боли ама некој и избори и пари заработија. Едните донесоа одлука во Македонија да може да се увезуваат и стари возила. Народецот за мали пари го „собра“ сето старо „ѓубре“ од Германија, Бугарија, Австрија и од каде ли не. Презадоволни беа.Со мали пари си купија возила. Не ги интересираше дека старите и доодени возила, кој се движеа на нафта, „капак“ ставија на загадувањето. Наместо приклучување на парно скопјани се затоплуваа со дрва, јаглен, пластика. Скопје потоа во магла. Само врвот на Водно пркосеше. Другите пак, ветија дека имаат „чаробно“ стапче и дека ќе го решат проблемот со загадувањето. Електрични автобуси ќе купеле. Ќе ја заменеле нафтата и мазутот со плин. Ќе вовеле ригорозни мерки против сите што се затоплуваат со јаглен, пластика, дрва. Жителите поверуваа. Се „плиснаа“ големи пари но проблемот остана. Врвот на Водно и понатаму само остана да се гледа над Скопје. Болниците се наполнија. Лекарите опоменуваа дека отровните честички со сета сериозност се закануваат врз здравјето и на возрасните, а посебно на децата. Но , тие си викаа, тие си слушаа. Нивниот глас наликуваше на „глас во пустина“.

Првите, особено откако се закажаа предвремените избори, се „осоколија“. Заборавија на она што тие го ветуваа, а не го направија. Се нафрлија на вторите. И така едните ги обвинуваат другите, а проблемот со загадувањето стана поголем. Со вакво „ ангажирање“ и на едните и на другите загадувањето „тапка“ во место. Скопјани се гушат. Болниците се полнат. Се движат со маски. Критикуваат, викаат, молат. Дали еден ден ќе биде решен проблемот со загадувањето и во Скопје и во другите градови во Северна Македонија!?. Како што го решија проблемот со загадувањето на Велес. Удрија во срцето на загадувачот и заеднички рекоа: Топилницата нема повеќе да работи. И го решија проблемот. Дали првите или вторите навистина сакаат да го решат овој проблем кој им се заканува врз здравјето на скопјани!. Тоа никој не го знае. А дали има решение. Секако дека има. Постарите жители добро се сеќаваат дека пред повеќе години Лондон го имаше истиот проблем. Имаше магла. Денес ја нема. Лондон е чист. Одговорните го решија проблемот. Маглата, за која велеа дека „со нож може да се сече“ повеќе ја нема. Вие, и први и втори, убаво знаете каде е Лондон. Ако сакате да го решите проблемот отидете во Лондон и прашајте ги лондончани. Белким сеуште има некој од оние што го решија најголемиот проблем на Лондон. Ќе ви го каже лекот. Доста зборење. Решението е во вас!. Или ќе дозволат Северна Македонија да се удави во скопската магла!.

Стоилко Андреевски

InterServer Web Hosting and VPS