МВР чека наредба да го бара осудениот специјалец Игор Спасов

Министерството за внатрешни работи се уште нема добиено наредба од Основниот суд во Штип за да постапува и да издаде потерница за правосилно осудениот Игор Спасов. Како што веќе објави МКД.мк Спасов го нема во затворот во Идризово од петокот кога требаше да се појави на доиздржување на затворската казна. Од МВР ни изјавија дека ќе постапат веднаш штом стаса наредба, но за сега нема никаков документ за Спасов. Залудни беа нашите обиди изминативе денови да добиеме некој одговорен во судот во Штип за да ни соопшти официјална информација, бидејќи на фиксните телефони никој не се јавуваше.

Денес конечно на еден од фиксните телефони добивме вработен од судот, но добивме одговор дека портпаролката која може да ни ја даде бараната информација е на семинар и денес не е во судот, а телефонските централи се стари и затоа малку било потешко било да се воспостави контакт со судот.

Во исчекување на официјални информации, она што е познато дека Спасов го нема, а за сега никој не го бара. И затворот во Идризово, и МВР чекаат известување од Основниот суд во Штип за тоа каде е осуденикот.

Откако на 18 август годинава му истече прекинот на издржување на затворската казна, Спасов повторно со поднесена медицинска документација доби нов прекин кој траеше до петокот.

Поранешниот специјалец Спасов е осуден за убиството на Мартин Нешкоски.

Тој до 18 август годинава една година е на слобода, наместо во затворот во Идризово.

Со медицинската документација која ја поднесува до судот од август, 2018 година, а оттаму ја прифаќаат, веќе втора година со здравствените причини го оправдува своето отсуство и не се враќа во затворската ќелија во најголемиот затвор во државава.

Осудениот Спасов во затвор требаше да се врати откако ќе му заврши лекувањето, но во петокот не дојде. Не е дојден нуту за викенд, ниту до денес, а од затворот не знаат каде е, ниту пак некој ги известил.

Прекинот на издржувањето на затворската казна не му се засметува во отслужувањето на затворска казна.

Поранешен припадник на „Тигрите” беше осуден на 14 години затвор за убиството на Нешкоски што се случи на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Тој има досега отслужено шест години затвор.

Полицискиот специјалец Игор Спасов тврдеше дека не го убил Нешкоски и дека е подготвен тоа да го докаже со полиграфско тестираше.

Спасов тврдеше дека на плоштадот бил службено и дека последен пат кога го видел Нешкоски тој бил жив.

Пред судот раскажа дека не го познавал Нешкоски и дека немал никаков мотив за да го убие.

Тој не негираше дека го удрил Нешкоски, но не со тупаници и шлаканици, туку само со клоци по половината, бидејќи мислел дека момчето симулира дека е во бесознание.

Откако се обидел да го крене од земја, сфатил дека момчето ја загубило свеста, па зел вода, го испрскал и му удрил неколку шлаканици за да го освести. Во меѓувреме таму дошле двајца униформирани полицајци и обезбедувач од фестивалот Баскерфест”.

Поранешниот припадник на полициските тигри Игор Спасовски, неколку пати беше на распит кај обвинителите на СЈО каде водат предистражна постапка за овој случај.

Овој предмет сега е предаден во Основното јавно обвинителство во Скопје.

InterServer Web Hosting and VPS