Од идната година К 15 ќе добиваат и вработените во јавниот сектор

Од следната година вработените во јавниот сектор и правосудството ќе добиваат К-15 и јубилејни награди. Ова е договорено меѓу синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и јавна администрација и ќе стои во гранковиот колективен договор за секторот кој треба да се потпише за две недели, соопшти денеска претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски на потпишувањето на колективниот договор на ниво на работодавач во Агенцијата за катастар.

„Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски деновиве треба да се произнесе околу предлогот за висината на К-15 по што ќе биде потпишан гранковиот колективен договор. Очекувам за две недели да ставиме потпис на Договорот“, вели Грујовски.

Тој соопшти дека досега на ниво на работодавач се потпишани 15 колективни договори во јавни институции, 10 се во подготовка, додека 3 до 4 колективни договори чекаат потпис деновиве. Меѓу нив и на Службениот весник.

„Засега добро одат преговорите во јавните институции, но многу потешко ќе оди потпишувањето на колективни договори на ниво на работодавач во правосудските органи, но се надеваме дека Гранковиот договор ќе им ги даде сите права на вработените во јавниот сектор“, нагласи Грујовски.

Колективниот договор на вработените во Агенцијата за катастар, што денеска го потпишаа претседателот на УПОЗ, Грујовски, директорот Борис Тунџев и претседателот на синдикатот во Катастарот Љубиша Јовановски опфаќа 857 работници и е потпишан по 10 години.

Тој, како што рече првиот синдикалец во Катастарот, Јовановски е преговаран две години и ги зголемува правата на работниците.

„Со овој договор вработените во Катастарот го добија правото на зголемени работни часови, правото на слободни денови и отсуство од работа, добиваат К-15 и јубилејни награди независно каде ги направиле годините на стаж и се зголемени правата од безбедност при работа. Наша задача е да го зголемиме и додатокот на платите кој сега е 15 отсто на 30 отсто“, објасни Јовановски.

Покрај колективниот договор, вработените добија и зголемување на платите и останува сега да ги дадат ефектите од работењето.

„Вработените не треба да заборават дека од другата страна на шалтерот стои граѓанинот кој го финансираше ова зголемување на платите и тој треба биде задоволен од услугата дадена од нив“, потенцира Тунџев.

InterServer Web Hosting and VPS