„Не биди будала, не биди насилник!“: писмо на Трамп до Ердоган

Американскиот претседател вети дека ќе ја уништи турската економија доколку инвазијата во Сирија не се реши хумано, но заткулисниот јазик и дипломатските грешки предизвикуваат забуна.

Доналд Трамп го предупредил својот колега Реџеп Таип Ердоган со зборовите „не биди будала“ и напишал дека историјата ризикува да го нарече „ѓавол“ во едно необично писмо, испратено на денот кога Турција го почна упадот во североисточна Сирија.

Писмото, кое го добил новинар на „Фокс бизнис“, е лишено од дипломатски стил и почнува со директна закана.

„Ајде да постигнеме добар договор!“, напишал Трамп во писмото од 9 октомври, чија автентичност Белата куќа ја потврди за разни медиуми.

Неколку дена откако ѝ даде зелено светло на инвазијата со повлекување на американските трупи од регионот во кој доминира курдското население, Трамп му порача на турскиот претседател дека ќе ја уништи економијата на Анкара ако инвазијата отиде предалеку.

„Не сакаш да бидеш одговорен за колење илјадници луѓе, а јас не сакам да бидам одговорен за уништување на турската економија – а ќе ја уништам“, напиша тој.

„Историјата ќе те гледа милозливо ако ова го направиш правилно и хумано“, продолжи Трамп. „Засекогаш ќе те гледа како ѓавол ако не се случуваат добри работи“.

„Не биди насилник. Не биди будала!“, завршува тој, додавајќи: „Ќе ти се јавам подоцна“.

Бизарното писмо беше пречекано со шок, многумина отпрво се сомневаа во неговата автентичност, а некои го нарекоа „шега“ и „срам“.

InterServer Web Hosting and VPS