Дендиас: Договорот од Преспа е ратификуван меѓународен договор и не се менува своеволно

Меѓународниот Договор од Преспа е ратификуван и стапи во сила, па според тоа, не може да се менува своеволно, одговорил грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас на прашањето дали може да се поништи Договорот од Преспа поставено од пратеникотна партијата Грчко решение, Андониос Милонакис.

„Меѓународниот Договор од Преспа, како што е познато, е ратификуван од грчкиот Парламент и стапи во сила од 12 февруари годинава. Според тоа, не се менува своеволно. Впрочем, државата има континуитет. Покрај тоа, основниот принцип на меѓународните односи треба да се почитува од сите на меѓународната сцена, вклучувајќи ги и нашите соседни држави. Како што веќе беше нагласено, Министерството за надворешни работи внимателно и темелно го следи целосното и доследното спроведување на договорот. Кога се забележуваат доцнења, недостатоци или нарушувања во спроведувањето од друга страна, се преземаат сите соодветни активности, вклучително и демарши“, објаснува Дендиас во писмениот одговор.

Како што јавува МИА од Атина, пратеникот од Грчко решение, Милонакис во неговото прашање вели дека „името Северна Македонија што произлегува од Договорот од Преспа прекршува едно од индивидуалните права на грчкиот граѓанин” и прашува зошто не постои можност за поништување на договорот кога, како што тврди тој, Скопје „не се придржува кон обврските од договорот и ја задржува климата на иредентизам за кој што извор е Уставот на земјата”.

InterServer Web Hosting and VPS