Прва историска турнеја на Филхармонијата во Израел

Филхармонијата во периодот од 1 до 6 октомври првпат ќе гостува во Израел. Концертите ќе бидат изведени под диригентската плака на Јерухам Шаровски. На првото гостување во оваа земја оркестарот ќе настапи во Ерусалим, Ришон Ле Цион и Од Хашерон, а како солист на сите концерти ќе се појави 17-годишната израелска виолончелистка Даниеле Акта.

„Меѓународните претставувања од секогаш биле важен сегмент од историскиот континуитет на нашата институција која годинава слави 75 години од основањето, тие се важен сегмент од растот и развојот на нашиот оркестар кој секогаш на достоен начин ја претставувал нашата земја ширум светот. Така беше и на последната турнеја која ја реализиравме во Кина, очекуваме со ист жар, интензитет и врвна изведба да се претставиме и во Израел“, вели директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески, .

Диригентот Шаровски истакна дека за релативно кусо време успеале да ги договорат трите концерти на Филхармонијата во Израел, што е нетипично за неговата земја во која неколку години однапред се договараат сите гостувања.

Тој нагласи дека постојат две причини за оваа соработка.

„Постои голема почит кон вашата земја и оркестар од страна на нашите музички институции зошто станува збор за релативно млад оркестар кој има одличен звук, кој можеби ја нема техничката прецизност на германските оркестри и големиот буџет на американските, но затоа поседува трпеливост, искреност и верба. Сум диригирал со повеќе од 60 оркестри од целиот свет и можам да кажам дека вашата Филхармонија е посебна, има одлични гудачи и дувачи кои можат да свират во било кој светски оркестар“, вели диригентот Шаровски.

Со оркестарот ќе настапи виолончелистка Даниеле Акта, која диригентот Шаровски ја нарече „чудо од дете”. Тој информира дека Акта ќе настапи и во Скопје, со исклучителен инструмент „Страдивадиус” кој чини три милиони евра.

Концертната турнеја на оркестарот е финансирана од Министерството за култура, а се реализира со поддршка на Амбасадата на Р. Северна Македонија во Израел и со особено залагање на почесниот конзул Шломо Грацијани.

Од Филхармонија, меѓудругото, информираа и дека излезе првиот број на мини магазинот во нејзино издание, кој ќе излегува еднаш во три месеци.

InterServer Web Hosting and VPS